Во последните шест месеци пет деца заболеле од рак во Битола. Четири од нив се со тумор на мозокот. Граѓаните вината ја префрлаат на загадениот воздух, која стана една од најжешките политички теми во Битола. Додека граѓаните жестоко протестираат, од Општина Битола ветуваат. Топлификација и гасификација на градот е решенито за проблемот со загадувањето, но не сега, кога заболуваат и деца и стари, туку некогаш, во некои идни времиња, се вели во сторијата на Канал 77.
Граѓаните ги вклучија сирените за аларм во Битола, еден од најзагадените градови во државата, но и Европа. Лекарите од поодамна тоа го направија со бројките на заболени од рак и болести на респираторните органи. Први на удар на отровниот воздух, се децата предупредуват педијатрите.
– Во последните 6 месеци во Битола се дијагностицирани 5 деца со малигни заболувања, и тоа деца од школска возраст. Четири деца со тумори на мозок, а пред некој ден е дијагностицирано и кај дете од 13 години малигно заболување на лимфните јазли – вели Благица Гроздановска- Темелковска, педијатар во битолската Клиничка болница.
Битолчани кои имаат можност за викендите и празниците да отидат на Пелистер велат дека градот не се гледа од сивите облаци, додека Баба Планина и околните ридови се капат во сонце.
Ветерот и слабиот снег деновиве успееја многу малку да го разбистрат небото над Битола, но не и дилемата каков воздух дишат битолчани и која е најголемата причина за огромното загадување, кое се повторува со години наназад, и кое остава штетни последици врз здравјето на битолчани и пошироко.
Печките на дрва и старите возила се најчестите извори на ситната прашина, но тука е и РЕК-Битола, кој и според Министерството за животна средина е посочен како главен извор на загадувањето во градот.
Според јавно објавени податоци, годишно од оџаците и возилата во Битола се испуштаат околу 37 тони ситна прашина. Годишната граница за зголемени вредности на ситна прашина е 35 дена, а Битола имала дури и над 120 дена со концентрации над дозволени граници.
– Проблемите се оди е нечист воздухот во градот. Што дишиме се чувствува се гледа дека магла има. Ужасен е воздухот за нашите деца за Битола се работи, не можеме ни да прошетаме, ни да излеземе. Ние како постари луѓе сакаме рекреација, да одиме во паркот, да прошетаме по нашите убави битолски улици, да прошетаме по Широк сокак, да уживаме, во воздухот во кој уживавме како мали, како млади. За жал тоа веќе го нема. А што со децата наши, до кога и каде? – велат граѓаните.
Од здруженито „За нас се работи“, оваа година решија поради револтот од високото ниво на загадување, да го блокираат патот кој од Битола води кон РЕК-Битола. Тоа го направија во предизборието со директни пораки до политичарите за нивниот индолентен однос кон ова прашање и празните ветувања.
– Ние имаме еден приоритет во моментот, не затоа што ние така сакаме , туку затоа што нивните резултати покажуваат дека тоа е приоритет, а тоа е загадениот воздух и се поголемиот број на смртни случаи во Битола, токму од загадениот воздух и од загадената почва и вода. Да им кажеме дека ако е нивниот приоритет изборот и доаѓањето на власт , нашиот приоритет е чистиот воздух. Всушност решението е најдено само треба некој да има политичка воља и да го примени – рече Душко Груевски, организатор на протестите против загадувањето.