По негативните реакции на архитектите за проектот за зелениот кров на ГТЦ во однос на начинот на спроведување на проектот, содржините и квалитетот на проектот градоначалникот на Скопје изјави: „Градот Скопје заедно со УНДП, пред повеќе од осум месеци потпиша меморандум за соработка од областа на спроведувањето на Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје, поврзана со мапирање на геотермални точки. Спроведените истражувања покажаа дека покривот на ГТЦ е за 10 степени потопол од преостанатиот простор околу плоштадот „Македонија” и оттука произлезе идејата дел од овој покрив да биде зазеленет“.
Останува нејасно врз основа на што е изведен заклучокот дека кровот е 10 степени потопол, бидејќи никаде не е претставена анализа и резултати од наведеното истражување и доколку е така како ќе се намала ова затоплување, бидејќи зелениот кров се однесува само на дел Секција 3Б, површина од 1.800 квадратни метри, а површината на кровот е околу 13.000 квадратни метри.
Градоначалникот додаде: „Идејниот проект за изгледот ни беше доставен од ГТЦ, како трета страна во проектот. Град Скопје учествува во овој проект преку финансирање и обезбедување на средствата, а УНДП ја спроведе постапката. Имајќи предвид дека имаше извесни реакции во јавноста, веќе стапивме во контакт со архитектите и фелата и во рамките на законските можности и правилата определени од УНДП, преку „Скопје урбан центар” каде што се членки Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет ќе бидат извршени определи корекции на проектот“.
Како функционира „Скопје урбан центар“ и кој се членува тамо и што е до сега сработено останува нејасно. Своевремено градоначалникот изјави: „„Скопје урбан центар“ е приказна поголема од градоначалникот. Концептот и замислата е дека треба да биде стручно тело составено од урбанистичката елита на нашиот град, со цел да се создаде оставина во урбанистичкото планирање која треба да биде репер и основ како треба да се развиваат деловите од градот кои сега се неурбанизирани, а со цел условно кажано да ги врземе рацете на луѓето кои ќе дојдат после нас да направат лакрдија од урбанизмот и да го развиваат односно неразвиваат градот по принципот „нацртај ми маркица овде“.
Проектот „Реконструкција и партерно хортикултурално уредување на тераса (Секција 3Б)“ е изработен од „Дом – дизајн“ агенција за недвижности , која има Лиценца за проектирање Б на трговско друштво за инженеринг Дом – Дизајн,увоз – извоз, Скопје, проектант Антон Кајтази со Овластување Б за проектирање, соработник Методија Кипровски, ревидент е Илина Лалкова, а инвеститор ГТЦ . Не е идеен проект, туку Основен, бидејќи со тој проект УНДП во октомври објави покана за учество на тенедер за изградба со краен рок до 14 декември. Во прилог на ова на страната на УНДП можат да се видат документите од проектот како и записниците од одржаните состаноци. Дали она што е достапно на страната на УНДП е целосен проект или делови од техничката документација не е сосема јасно. Тамо недостасуваат во проектот за архитектура постоечка состојба, дефинирани основи, пресеци, прецизни детали, описи, коти. Мислење од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита. Може да се вииди само Основен проект, фаза градежни конструкции за градба на кафе бар, шаховско поле и други платформи.
Проект за водовод и канализација го нема во прилозите (наведен е во предмер-пресметката), наводнување на зеленилото (даден е само проспект).
Дел од прашањата за проектот од записниците
Достапни се и повеќе записници од состаноци помеѓу УНДП и проектантот и најчесто повторуваното прашање е:
УНДП: „Скоро кај сите растенија тежината е наведена дека е помала од реалната! Прашање :Дали со тоа не се нарушува статиката на жардиниерите/плочата итн. ?“
Одговорот на проектантот: „Има изработено статичка пресметка за објектот кој дозволува таква тежина“. Останува нејасно дали е направена статичка анализа на постоечката состојба или се повикува на статиката од стариот проект за објектот.
Детали неопходни како дел од техничка документација
УНДП: „Не ми беше одговорено за модулите за вертикално зеленило, воопшто. Модули за вертикални зелени ѕидови со потконструкција за монтажа и резервоар за рециркулирање на вода 225кг/ком. На каква подлога се поставува, со комора или без, изолација или без? Да ми доставите детал за вертикалниот ѕид.
Одговор на проектантот: „Постојат производители кои нудат вертикален зелен ѕид со потконструкција и резервоар за вода. Изборот е на понудувачот, треба да се запази тежината дадена во спецификацијата. Инаку секој дополнителен детал го открива и потоа фаворизира еден производител“.
Ова се само дел од конверзациите со инженерите кои ја изработиле техничката документација.
Со напомена: НЕ Е ВО РАЗМЕР
Што навистина му е потребно на ГТЦ?
Останува да се прашуваме што му е потребно на ГТЦ на кој одамна му се откина парче за да се изгради објектот „Соравиа“? Дали ГТЦ може да биде заштитен објект и со кој степен на заштита? Дали е зелен покрив поитно решение од вкупната, очајна состојба на објектот? Дали на објект кој одамна ја има изгубено автентичноста со приватизацијата и парцелисањето на големите трговски единици и уфрлување налошо изработени киосци во пролазите и онамо каде имало повеќе место и правење на „колиби“ за пушење на Кејот 13 ноември, му е нарушена оригиналната замисла и функција? Дали во овие сложените имотно правни и сопственички односи можае да се подобри вкупната кондиција на објектот и кој за тоа ќе го финасира? Зошто зелен кров на само мал дел од објектот, а не се третира целиот покрив како интегрален простор? Зошто не се консултираа професионалци што со објектот? Кој ја составил проектната програма за содржините за т.н. „зелен покрив“?Зошто кафе – бар, повеќе бекатон него зеленило, а за термални точки се работи нели? Како со велосипеди ќе се пристапи до терасата, бидејќи се предвиидени (рампите одат до првиот кат)? Премногу прашања остануваат неодговорени.
Да се стрпиме и можеби ќе добиеме одговори од оние кои ќе работат, како што најави градоначалникот, на корекциите на проектот и конечно прецизно ќе се дефинира што со ГТЦ?