„Кресненско востание“ е новата подземна катна гаража со нови 440 паркинг-места во центарот на Скопје, а „Мајка Тереза“ е новата плоштадска површина со 13 илјади квадратни метри.
Просторот што се наоѓа близу новите градби на кејот на Вардар на потегот од Министерството за надворешни работи до Камениот мост сега е партерно уреден. Новата подземна катна гаража е под плоштадот, во близина на Македонската опера и балет и се простира на површина од 20.000 квадратни метри. Објектот беше отворен во саботата, а свечено го предаде во употреба премиерот на РМ Никола Груевски. Катната гаража е инвестиција вредна околу девет милиони евра и ќе го реши проблемот со паркирањето на овој дел од градот.
И катната гаража и плоштадот се објекти кои се изградени во соработка со Службата за општи и заеднички работи на Владата, градот Скопје и Министерството за транспорт и врски.