Италијанската фирма Scientia Srl го доби тендерот за доградување на „непредвидени работи“ при изградбата на катната гаража „Смилевски конгрес“, вреден 220 илјади евра, информира „Фокус“.
Оваа компанија по втор пат добива тендер за изградба на непредвидени градежни активности, откако и во септември минатата година добила 240 илјади евра за истата катна гаража.
Според договорот за набавката објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, непредвидените работи се однесуваат на „градежно занаетчиски, хидроинсталации, спринклер систем, ПП водовод, електроинсталатерски работи, вентилација, тоалети и информациски ознаки. Тие, како што пишува, морале да се изведат поради неусогласеност на проектната документација со предмерот, а се измени во проектната документација поради пропусти и недостатоци во проектот, кои се утврдени од надзорниот орган и од проектансткиот надзор/Проектантот при изградбата на објект Катна гаража „СМИЛЕВСКИ КОНГРЕС“ (КГ 6.7 Мал Ринг во Скопје)“.
Постапката е направена со преговарање без претходно објавување оглас, без електронска аукција, а критериум за изборот на единствената понуда била најниската цена.
Вкупната цена на изградбата на катната гаража досега изнесува околу пет милиони и 700 илјади евра, а во Конзорциумот што ја гради најголем удел има уште една италијанска градежна фирма која се вика LAMONE MOREDA.