На овогодишниот тениски турнир US Open, направен е голем исчекор во однос на одржливоста, првенствено поради фактот што униформите за собирачите на топчиња, дизајнирани од познатата модна куќа Ralph Lauren, се изработени со користење во просек на седум пластични шишиња. За следното издание на турнирот, веќе е зацртана уште поамбициозна цел, односно ќе бидат користени пластичните кутии од топчињата користени на турнирот. Имено, целокупната амбалажа за топчињата од овогодишниот турнир ќе се користи за производство на униформите за US Open 2020. Се работи за околу 12.000 пластични кутии кои ќе бидат употребени на овој грен слем.
Ralph Lauren во јуни годинава ја донесе својата сеопфатна стратегија насловена Design the Change (Креирај ја промената), со која ја потврдува и документира својата посветеност на соработката, иновацијата и акцијата во областа на одржливиот развој. Дел од тој план за развој е поставување нови стандарди во соработката со US Open, турнирот за кој оваа модна куќа работи уште од 2005 година.