Неодамна, во состав на Градската општа болница „8 Септември“ беше извршена реконструкција, адаптација и доградба на Ургентиниот центар, кој дотогаш функционираше како дежурна служба. За изведба на проектот беше ангажирана компанијата „ДОТ Архитекти“, која во својот состав има посебен специјализиран оддел „ДОТ Медикал“ за изработка на проекти специјализирани за здравствени објекти, кој воедно комплетно го измени и адаптира проектот за изведба. Објектот развиен на 900 м2 површина, од кои 250 м2 комплетно нова градба, свечено беше пуштен во употреба на 18 јули. Финансискиот дел за изведба на проектот го обезбедуваат ГОБ „8 Септември“ и Амбасадата на САД во Република Македонија, со донација во висина од 480.000 долари.
Проектот за реконструкција и доградба на Ургентниот центар во ГОБ „8 Септември“ настанува како одговор на зголемената потреба за ургентен- интервентен прием на пациенти, која произлезе од трансформацијата на Воената болница во Градска болница. Основна карактеристика на изведениот проект претставува зонирањето на просториите според групите на корисници кои се диференцираат уште на самиот влез на центарот, каде се врши категоризација на пациентите. За итните случаи, обезбеден е посебен влез преку кој пациентот директно се внесува во салата за реанимација.
Ургентниот центар располага со интернистичка и хируршка амбуланта како појдовни места за дијагностицирање на потребите, соби за опсервација и стабилизација на пациенти, просторија за хируршки зафати, сала за реанимација, четири простории како дневна болница со капацитет од девет болнички кревети, гипс сала, простории за персонал, просторија за прием на пациенти, придружни простории и две нови операциски сали (ортопедско-трауматолошка и општо-хируршка) како дел од оперативниот блок. Во подрумскиот дел се сместени техничките простории: машинска сала и електро просторија. Бруто развиената површина изнесува 900 м2, со што се задоволени сите европски стандарди во однос на просторните содржини и организациската поставеност.
Но, не само тоа. Ентериерот е решен со голем сензибилитет за освежување на просторот и разбивање на стандардната „болничка“ бела, која во психолошката меморија на пациентите изгледа застрашувачка. Притоа, „ДОТ Архитекти“ користат посебен пристап за уредување на ентериерот водени од методата – дизајн базиран на докази т.н. Evidence based design, чии основни принципи се базираат на влијанието на боите врз состојбата на пациентите и медицинскиот персонал преку изборот на бои и игра со светлината. Основната цел е визуелен прием на боите и креирање на простор кој лекува (healing space), со што се постигнува значително подобрување на општата психо-физичка состојба, намалување на стресот и болката и побрзо закрепнување на пациентите. Исто така, на ѕидната површина од коридорите, е изведено custom made графичко дело, кое со својата ненаметливост и колоритност сосема ја урива стереотипната слика за здравствена установа.
Од технолошки аспект, најкомплексна единица во Ургентниот центар претставува Оперативниот блок, кој се третира како посебна функционална единица. Како новитет во овој проект е изведбата на модуларни операциони сали, со примена на модуларни ѕидни панели кои овозможуваат поставување на сите потребни инсталации внатре во ѕидовите. Ваков тип на инсталации овозможуваат лесна и брза демонтажа при каква и да било интервенција. Ѕидните површини се обложени со панели од антибактериски лим, додека останатите простории имаат облоги од ПВЦ материјал. Главната цел е обезбедување на површини лесни за чистење кои нема да дозволат задржување на бактериите. Технологијата на изработка на панелите со сребрени јони во завршниот слој, заедно со полиуретанските електростатски подови, создава идеално чисти/бели простори, со што се постигнува потребното европско ниво за креирање на операциони сали. Уште еден неопходен атрибут на оперативниот блок, е употребата на посебен вентилационен систем, кој функционира со карактеристично струење на воздухот, создаден со натпритисок во однос на останатите простории.
За придобивките од процесот на изведба на Ургентниот центар, инженерот-архитект кој работеше на изведба на објектот, м-р Надa Старковска, за „Порта 3“ изјави: „Учеството на изведбата на објектот Ургентен центар, како дел од тимот „ДОТ Медикал“, претставуваше огромно задоволство за мене. Особено ме радува тоа што при самата изведба, во однос на изборот на материјалите, технологиите и нивното вградување, се запазуваа актуелните европски стандарди кои имав можност да ги изучам на магистерските студии кои ги посетував во Италија, а кои беа специјализирани за архитектура за здравствени објекти. Со тимот на „ДОТ Медикал“ работев на проектирање на бројни проекти од архитектурата за здравство, така што изведба на еден ваков објект беше огромно искуство и шанса за мене да го спознаам објектот од друга страна, а воедно и поттик да продолжам да ја изучувам оваа специфична и интересна архитектура“.
Фотографии: ДОТ архитекти