Насловна / Градежништво / Ургентна санација и регулирање на коритото на Река Црна на потегот кај археолошкиот локалитет „Стоби“

Ургентна санација и регулирање на коритото на Река Црна на потегот кај археолошкиот локалитет „Стоби“

Археолошкиот локалитет „Стоби“ е еден од најважните и најголемите археолошки локалитети во Република Македонија, како според површината, така и според историската и културолошката вредност. Со оглед на тоа што самиот локалитет се наоѓа на устието на двете најголеми реки во Македонија, во историјата бил сметан за стратешки центар во овој дел на Балканот. Во изминатиов период, на локацијата каде се наоѓаат објектите од локалитетот се јавува проблем со ерозивното дејство предизвикано од големите води од река Црна која минува во негова близина.

slika1

Слика 1 – Поглед на локалитетот

ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл го изработи Основниот проект за ургентна санација и регулација на коритото на река Црна на овој потег. Процесот на проектирање на овој проект започна со теренска проспекција и заврши со избор и разработка на финално техничко решение за санација и регулирање на коритото на река Црна, на потегот кај археолошкиот локалитет.

По извршената теренска проспекција, утврдено е дека во два наврати во 2014 година е дојдено до свлекување на брегот како резултат на странична ерозија, со што е нарушена безбедноста на конзерваторските, магацинските и помошните бараки на установата.

После првата појава, Дирекцијата за заштита и спасување извршила времена санација на еден дел од зоната на обрушување, што помогнала да се спречи неконтролирано ширење на процесот кон бараките и административните објекти. Меѓутоа, во продолжение на времено санираниот брег, имало појави на значајно проширување на ерозијата со можност за директно загрозување на конзерваторскиот и магацинскиот дел каде се чуваат значајни артефакти.

Со предметната проектна документација, врз основа на претходно спроведени истражувања и елаборирања на топографски, инженерско геолошки, геотехнички, хидролошки и други подлоги, се анализирани физичките карактеристики на постојните состојби на предметниот потег на коритото на река Црна. Врз основа на наодите од предметните анализи, конципирани се нови проектни технички решенија и извршен е избор на оптималното проектно решение кое е разработено на ниво на Основен проект.

За подготовка на Основниот проект, направени се детални геодетски снимања во реалниот простор на речното корито на река Црна, од мостот на автопатот Е75 до мостот на Македнски железници, на вливот на река Црна во река Вардар (ситуација и пресеци), врз основа на кои беше изработен Елаборат за оперативен полигонски влак. Исто така, во полза на добро изработен Основен проект, извршени се геотехнички истражни работи и лабораториски истражувања, од кои произлегува и Елаборатот за извршени геотехнички истражни работи.

slika2

Слика 2 – Зона на ерозија

При теренската проспекција за изработка на хидролошката анализа, направени се мерења на длабочините на коритото на 22 (дваесет и два) профили, а на еден од нив беше извршено и мерење на брзините со хидрометриско крило.

Со новоснимената ситуација на речното корито на предметниот потег, попречните пресеци и надолжниот пресек на постојното корито и хидролошки дефинираните протоци на големите води на предметниот потег за регулација, извршена е хидрауличка анализа на протек на големи води со различна веројатност на појава во постојното корито. Притоа се согледани влијанијата и големините (вредностите) на хидрауличните параметри. Врз основа на нивната анализа, согледани се можни новопроектирани технички решенија за регулирање на предметниот потег на речното корито.

За избраното проектно решение за регулирање на коритото (корекција на габаритите на речното корито, проточниот капацитет, заштитни мерки од ерозија и заштитни објекти), извршена е хидрауличка анализа со програмскиот пакет HEC – RAS на ист начин и на исти корегирани профили и проектирани објекти и заштити, како при хидрауличката анализа при постојното корито.

Со анализа на ефектите од влијанијата на различните големи води за димензионирање на речното корито на река Црна, на предметниот потег се врши конечен избор на техничкото решение за регулирање на коритото, како и избор на меродавната голема вода зависно од можностите што ги пружа акумулацијата Тиквеш. Во продолжение е даден опис на техничкото решение кое беше избрано како оптимално, покрај неколку варијанти на решенија.

Крајбрежната косина како најкритична (обрушена 2014 год. и времено интервентно санирана за заштита на објектите на археолошкиот локалитет „Стоби“), предвидено е да се заштити со облога од габионски мадраци по целата висина, од дното до работ на терасата, на кота 132,0 mNM, со димензии 2.0/3.0/0,3 m. Во подножjето на косината, во дното на коритото, предвиден е ослоничен подолжен праг од нафрлен крупен камен во ров со димензии – длабочина и широчина 1,0 m и наклон на косините 1:1. Димензиите на нафрлениот камен се усвоени: Ø 20 до 25 cm со минимум 70% од предвидената крупност.

По работ на ниската тераса со објектите на архeолошкиот локалитет „Стоби“, предвидена е изградба на парапетен армиран бетонски ѕид со височина од 1,20 m до 1,40 m поставен на правоаголен темел, фундиран на слој од подобрен матeријал. Парапетниот ѕид иако обезбедува доволна заштитна височина над нивото на голема вода, сепак ќе врши заштита и од плавење на теренот на терасата на води од околу 650 m3/s, додека при појава на долготрајни повисоки води до Q1% мерод=736 m3/s (мeродавна вода со повратен период еднаш во 100 години) ќе дојде до поплавување на терасата поради големата водопропустливост на падинскиот материјал на кој е поставена, а заштитата на објектите на терасата ќе биде само од кинетичката енергија на водата (брзината).

slika3

Слика 3 – Графикон од хидрометриски мерења

             Димензиите на парапетниот ѕид се усвоени конструктивно, бидејќи тој ќе биде во критичниот случај од двете страни со ист хидростатички притисок (товар). На потег од 240 m, точно пред локалитетот, предвидени се пет попречни прагови, вкопани во речното дно од коритото од габиони со камена дробина со единечни димензии на габионите, длабина/широчина/должина = 1,5/1,0/1,0 m праг, освен во дното се предвидува и по косините во височина од 3,0 m (по косина околу 5,0 m).

Габионите се единици направени од хексагонална (шестоаголна) мрежа произведена од двојно навртена челична жица, достапни се во различна големина и димензии. Двојното навртување спречува ширење на оштетувањето предизвикано од несакано кинење на жицата, додека шестоаголната форма на мрежата овозможува подобра дистрибуција на оптоварувањето на мрежата. Габионите се полнат со камења на местото на поставување. Големината на каменот не смее да биде помала од отворот на мрежата ниту поголем повеќе од 2,5 пати.

slika4

Слика 4 – Габион

Мадраците се единици со голема површина и мала дебелина. Направени се од хексагонална (шестоаголна) мрежа произведена од двојно навртена челична жица, достапни се во различна големина и димензии. Мадраците се полнат со камења на местото на поставување. Мадраците се поделени на повеќе ќелии со помош на внатрешни прегради – дијафрагми.

slika5

Слика 5 – Мадрак

 

Косините на крајбрежјата по целата должина на регулационото корито, се предвидува да се заштитат со ниска вегетација на врбови и багремски насади кои би се одржувале во тек на експлоатацијата на секои две до три години, со цел да се минимизираат отпорите на триење при течењето на водата. Врбовите насади во крајбрежјата се предвидува да се засадат во височина од околу 3,0 m, додека во повисоките зони на крајбрежните косини предвидено е да се засадат багремови насади како поотпорни на посув терен.

Се надеваме дека по реализацијата на овој Основен проект, ќе се реши проблемот со ерозијата предизвикана од големите води на овој важен археолошки локалитет, и ќе може да се продолжат археолошките ископувања во нормални услови, што ќе придонесат за нови и возбудливи откритија.

 

Во продолжение рефернтни фотографии од изведени слични објекти со габиони и мадраци.

 

temnica-slika1  temnica-slika2temnica-slika3

 Слика 6 – Регулација на речно корито на река Темница, Кичево

 studencica-slika1studencica-slika2studenica-slika3

Слика 7 – Регулација на речно корито на река Студенчица, Кичево

zoo-slika1zoo-slika2zoo-slika3

Слика 8 – Регулација на канал во ЗОО градина Скопје

Изработија:

Тања Ридова дипл.град.инж.

Ѓорѓи Соколовски дипл.град.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top