Јавните простори, како антоними на личното и интимното, во градовите најчесто се опишуваат како области надвор од контрола на поединци или на мали групи. Овие простори посредуваат помеѓу изградените урбани структури и служат за различни функционални и симболични цели. Јавните простори, најчесто се повеќенаменски, достапни и се разликуваат од домовите и поединците. Кога се обезбедени и управувани од јавните институции, овие простори се отворени за сите членови на заедницата, отелотворувајќи го во пракса колективниот интерес.
Современиот концепт на јавен простор се појавува во осумнаесеттиот век, истакнувајќи го општеството како средиште на договор и социјализација меѓу припадници со различна културна заднина. Ова ќе значи отстапување од претходните епохи каде доминираа традициите и врските базирани на сродство. Транзицијата кон современото општество неретко значи нужност од појава на нова културна рамка која ќе претставува императив на добри манири и ќе овозможи ефективна размена меѓу корисниците. За некои, оваа промена ја претставуваше слободата, која се карактеризира со социјални интеракции засновани на учтивост и сочувство. За други, тоа значеше загуба, што значително ќе доведе до отуѓување, нееднаквост и неправда во урбаните јадра.
Деветнаесеттиот век, на голема врата ќе значи и тензија низ призмата на социјалната размена. Додека рационалистите од осумнаесеттиот век го нагласувале создавањето на слободен, неутрален простор за дружељубивост, романтичарите и револуционерите го ценеле самоизразувањето. Па оттука, ќе произлезе и дилемата за тоа дали градовите треба да бидат рационални, безлични сфери на инструментална размена или места каде што припадниците со различна културна заднина на единица површина би можеле значајно да ги изразат своите емоции и индивидуалност.
Како што урбаните општества стануваа покомплексни, така и размената на идеи, стоки и услуги се трансформираше преку апстрактни и напати безлични средства. И покрај сè, личната, и непосредна комуникација останува клучна, без разлика дали е рационална и експресивна. Социјалните средби бараат рамнотежа и стабилност, управувани преку социјално посредувано потиснување на импулсите. Затоа, неретко поединците се потпираат на маски – или идеализирани јас верзии – со цел одржување на конзистентни себепретстави во социјалните средби. Овие маски го штитат есенцијалното во човекот, обезбедуваат контрола врз ситуациите и често се испреплетуваат со верувањата и однесувањата на поединецот.
Социјалните маски делуваат како граници помеѓу јавната и приватната сфера, прилагодувајќи се на карактеристиките на јавниот дискурс и на субјективните побуди. Па така, јавниот живот е претстава каде се разменуваат симболи, а маските се прикажуваат, споредуваат и преобликуваат. Градот, неизбежно се претвора во своевидна сцена за изведба, со поставки и појави кои го формираат духот (гениус лоци) на местото. Кога улиците не се сцени и кога јавниот живот се сведува на секојдневни репетитивни однесувања, тогаш и учтивоста и интеракцијата помеѓу корисниците се губи. Како резултат на егзистирањето во заедница, улогата на индивидуата вклучува приспособување и контрола на сопственото делување преку рамнотежа на прикривање и изложување, на јавното и приватното.
Јавниот простор е институционален и материјален заеднички свет, кој го олеснува заедничкото присуство и ги регулира меѓучовечките односи. Заедничките искуства во јавните простори ги поврзуваат поединците низ генерации, давајќи им трајност на овие простори и подоцна градејќи го културниот идентитет на градот. Институциите како што се ритуалите, перформансите и јавното мислење дополнително ги формираат и обогатуваат споделените искуства.
Во Античка Грција, јавното најчесто претставувало домен на говор, дејствување и слобода, спротивно на сферата на неопходноста на приватното. Буржоаската јавна сфера, пак ќе ја одбележи на сличен начин директната интеракција меѓу елитите. Сепак, проширувањето на учеството на поширокото општество е неопходно и добредојдено, барајќи нови форми на комуникација и меѓусебно поврзани јавни сфери.
Како главна компонента на граѓанското општество, јавната сфера опфаќа материјални и институционални простори каде членовите на општеството се среќаваат, споделуваат искуства, разменуваат симболи и се вклучуваат во колективно самоуправување. Ја ограничува државната моќ и поттикнува политичка дебата и културна размена, информирајќи и влијаејќи врз колективните одлуки. Со текот на времето, јавните простори во градовите прераснаа во сублимат од политички, културни и економски активности, кои пропорционално со трендот на растот на градовите, се усложнија.
Античките Грци и градовите во средновековието често се фокусирале на индивидуалните зданија како центри на случувањата во градскиот простор, додека римските и постренесансните градови ја нагласувале симетријата и хармонијата, преку јавните простори и аксијалното планирање. Средновековните градови, како места за трговија, гледале дека јавните и приватните интереси постојано се натпреваруваат за простор. Спротивно на тоа, ренесансните и барокните градови имаа централно планирани прикази кои ги ограничуваа приватните интереси да се усогласат со јавните прикази на моќ.
Модернизмот воведе нов концепт на простор, со моторни автомобили кои ги трансформираа урбаните односи и ги укинаа затворените јавни простори. Огромните отворени простори и високите згради ги заменија статичните, затворени простори, поткопувајќи ја дружељубивоста. Технолошкиот напредок, урбанизацијата и глобализацијата ги трансформираа градовите, распрснувајќи ги јавните и приватните простори по функционални и социјални линии. Градовите се зголемија, и распрснаа долж инфраструктурната мрежа, при што интимните простори станаа монофункционални и ексклузивни, додека јавните простори ја изгубија својата културна интеграција.
Афирмацијата и еманципацијата на жената во општеството директно ги предизвика дотогашните принципи на креирање на јавните простори каде доминираа мажи, што доведе до нова урбана морфологија од јавни и приватни простори. Јавните простори во градовите остануваат области на социјализација и размена, но тие за жал не секогаш се достапни за сите. Посебните населби со централно лоцирани јавни простори ја олеснуваат социјалната интеракција и интеграција, но често создаваат полуприватни области кои се помалку јавни од градските центри.
Критичарите на општеството како агломерација на странци ја промовираа емоционалната безбедност на малите градови. Јавните простори, наместо да ги прошируваат познатите места на заедницата, станаа неутрални зони на размена меѓу странците. Потврдувањето на локалниот идентитет во услови на урбанизација е паралелно со желбата за специфичност во глобализацијата. И двете одразуваат страв од промени, што доведува до претерани разлики и до потенцијален неосредновековен фракционеризам.
Овие процеси доведоа до мешани резултати. Слободата на избор и плуралноста на општествените арени се зголемени, но надминувањето на фрагментираната употреба на просторот бара монументален напор. Технолошкиот напредок и фрагментираниот урбан простор, ги заменија емоционалните врски со финансиски интереси. Јавните простори, инструментализирани за економски цели, станаа алатки за зголемување на конкурентноста на глобалниот пазар. Ако се земе предвид натпреварот меѓу градовите на глобално ниво, тогаш безбедните и атрактивни средини се неопходни за привлекување инвеститори, работници и туристи. Градот станува естетски приказ за продажба, а јавните простори се составен дел од оваа приватизација и комерцијализација.
На границата меѓу јавното и приватното – се случува град
Границата помеѓу приватниот внатрешен простор на јас и јавниот простор надвор е самото тело. Артикулацијата на оваа граница се одвива преку многу форми на комуникациски уреди, од кои некои се развиваат долго време. Од орнаменти кои го трансформираат телото, до носење надворешни слоеви како што се функционални парчиња облека и симболични перформативни предмети од накит, до гестови на телото, модели на однесување и јазик, границите меѓу себе и другите, помеѓу приватните и јавните сфери се посредувани и артикулирани за заштита и комуникација. Во оваа артикулација, улогата на границата станува двосмислена, бидејќи е истовремено дел од приватната и јавната сфера. Тука се среќаваат погледите од прво лице и трето лице на светот, каде авторитетот на субјектот вкоренет во емпириски препознатлив приватен простор се среќава со јавните сфери на јазикот и просторот воопшто.
Значењето на границата често се должи и на нејзината материјалност. Како и секој друг општествен објект, тој е проникнат со значење преку материјализација и функција од страна на луѓето. Преку заеднички или колективен договор, симболичното значење го поврзуваме со предметите што ги користиме во секојдневниот живот. Границата меѓу јавната и приватната сфера е еден таков објект, кој го користиме во симболичен капацитет за да карактеризираме одредени делови од нашите животи. Границата, сепак, има дополнително значење, бидејќи лежи помеѓу две сфери, во посредничка, дефинирачка улога. Тој одразува систем на односи на моќ, бидејќи е линија повлечена во просторот за да се подели светот на две сфери. Преку создавање бариери, се користи за обликување на однесување, контрола на пристапот и управување со различни општествени групи.
Ѕидот што одвојува двајца соседи, дом од улица и град од село, лежи во срцето на поимот право и општество. Оттука, градењето на градот е делумно вежба за поставување на граници, што го дели просторот и создава нови функции и значења, воспоставувајќи нови односи меѓу двете страни. Начинот на кој се воспоставуваат границите, се артикулираат и се поврзани со приватната или јавната сфера често има големо влијание врз карактерот на секоја страна, дефинирајќи многу карактеристики на урбанизмот воопшто. Границите се истовремено средства за раздвојување и комуникација.
Колонадите, предните тремови, полујавните порти и фоајето, елаборираните фасади и дворовите се некои од начините на кои е артикулирана границата помеѓу јавното и приватното за да се овозможи интеракција и комуникација помеѓу двете сфери. Овој дијалог, наместо крути ѕидови, промовира цивилизирана амбивалентност, која може само да го збогати општествениот живот. Во исто време, постојат притисоци за јасно раздвојување, во потребата за заштита на приватната сфера на една личност од јавниот поглед. Задача на мноштвото од граници е да се изрази и обликува оваа коегзистенција на двосмисленост и јасност. Границата воедно претставува и израз на моќ односно на оние кои имаат корист и оние кои страдаат од тоа. Но, се чини дека способноста за регулирање на прикривањето и изложувањето е потребна за сите, бидејќи толку малкумина би сакале да живеат во недиференциран заеднички простор.
Наместо да се укине оваа способност, потребен е дијалог кој ќе осигура дека страните ќе можат повторно да ги исцртаат спорните граници преку преговори, овозможувајќи пропустливост и прилагодување, притоа штитејќи ја основната потреба за регулатива. Ова значи комбинирање на правна и политичка јасност притоа овозможувајќи практична и социјална флексибилност, со одреден степен на пропустливост што ќе ја олесни интеракцијата и комуникацијата. Централен предизвик во урбанизмот е да се најде рамнотежа помеѓу јавниот и приватниот свет. Две прашања што треба да се решат истовремено се: како може да се воспостави урбана морфологија што ги задоволува културните и биолошките потреби на социјалната индивидуа да биде заштитена од упадот на другите? Како може да се воспостави морфологија која ги задоволува потребите на сите членови на едно општество да бидат заштитени од навлегување на поединци?
Како одговор, има такви кои сакаат да ги прошират индивидуалните слободи на сметка на јавните потреби и оние кои промовираат проширување на јавната сфера преку ограничување на приватната сфера. Урбанизмот може да биде загрозен и од оние кои го поткопуваат јавното и од оние кои не ја признаваат неопходноста од приватното, бидејќи двете се меѓусебно зависни и не се исклучуваат меѓусебно.
Како што обликот на градот и карактеристиките на урбаниот живот се под влијание на начинот на кој се креира разликата помеѓу јавното и приватното, улогата на урбаните планери станува сè позначајна. Со воспоставување на границата меѓу двете царства за да може да се промовира цивилизиран однос, заканата од навлегување на приватни интереси во јавната сфера и заканата од јавен упад во приватната сфера се минимизирани и внимателно управувани. Порозната граница која ги признава и штити индивидуалните и колективните интереси и права е она што ја разликува софистицираната урбана средина од суровата средина.