Насловна / Архитектура / Урбанизам – домување како егзистенцијална потреба

Урбанизам – домување како егзистенцијална потреба

veles 3

Развој на домувањето

Домување како базична содржина на човековите населби. Луѓето секогаш се стремат да организираат поволен простор за развој на семејството и во различни општествени ситуации се манифестира со оформување соодветни простори за домување. Во основа, развојот на индустријата и комуникациите иницира процеси на миграции и нови потреби за домување, а со третманот на динамичен град е овозможено менување на местото на живеење.

Во развојот на домувањето се согледуваат три процеси кои се одвиваат со различен интензитет во различни временски периоди и простори: рурално домување; урбано домување и викенд домување (како секундарно домување). Руралното домување во основа е организирано во семејни куќи со дворови, се карактеризира со воздржан развој во корелација со непосредната околина. Заради миграциите, домувањето во руралните населби е во стагнација и голем дел од напуштените станбени објекти не се одржуваат и се оставени на забот на времето, особено во планинските подрачја. Урбаното домување е организирано во градовите со семејни куќи и станбени згради, се карактеризира со зголемување на своето ткиво со голем интензитет (со регуларни и нерегуларни градби, зафаќајќи и подрачја околу градските населби). Викенд домувањето се манифестира со два процеси: користење на постојните станбени објекти во селата со обновување на селските куќи, и со организирање нови викенд зони во атарите на населените места во подрачја со природни амбиенти. Максималната изградба на викенд куќите се случува во 70-тите и 80-тите годни на минатиот век. Потоа интересот се намалува и денес е во стагнација.

Brest selo vo Makedonski Brod 1

Брест

bitola 3

Битола

Процес на враќање кон ткивото на градовите. Во 80-тите години во Македонија се промовира идејата за враќање кон ткивото на градовите како логична реакција на засиленото зафаќање на земјоделско земјиште особено за развој на домувањето, како резултат на брзото ширење на градовите. Во 90-тите години тој процес се интензивира со третирање на постојните урбани подрачја и примена на принципи на одржлив развој со урбана обнова на градските ткива. Во основа се работи за долгорочен просец на осовременување на постојните градски делови како постојана грижа за унапредување на средината и човековите живеалишта. Таков пристап ќе продолжи и натаму, со различни облици на урбано дејствување, во функција на зголемување на квалитетот на домувањето.

Popova Sapka 1

Попова Шапка

Тематиката на домувањето е секогаш актуелна. Во текот  на историјата има многу периоди кои изобилувале со раселување на населението заради различни природни катастрофи или воени конфликти, и во такви услови потребата за дом е приоритетна за сместување на раселеното население. Оттука поимањето на дом за секого останува актуелна тема за секое време и во секој момент може да се најде дел во светот каде е потребна итна акција за обезбедување кров над глава, како елементарна потреба на луѓето.

 Mumbai India slamovi 3

Мумбаи, Индија

Популација и домување

Според предвидувањата населението ќе се зголемува, што значи дека ќе се зголемува и потребата за домување, како во светско мерило така и во различни мерила на регионално и локално ниво. Врз основа на трендовите за развој, а според  податоците од проекциите на Обединетите нации во врска со идниот развој на популацијата, се предвидува проекција во неколку периоди сè до 2300 година, со неколку сценарија, а во основа се предвидува дека во светот до 2050 година ќе има околу 8,9  милијарди луѓе. Во 2075 година, се предвидува проекција од  9,2 милијарди луѓе. Тој тренд на развој во наредниот период се очекува да се намалува. Од континентите, најмал раст ќе има во Европа. Во Африка населението ќе расте невообичаено брзо. Северна Америка нема да има негативен раст заради предвидените миграции.

Густината на населеност на луѓе на квадратен километар земјиште ќе биде променлива. Во Микронезија густината ќе се движи околу 3,5 лица на квадратен километар, а во некои земји ќе биде необично висока и во 2100 година, во Индија се предвидува густина од над 490 лица, во Пакистан 530, а во Бангладеш над 1990 лица по квадратен километар. Во текот на развојот, ќе се јават динамични трансформации на  многу градови, а оние со над 20 милиони жители ќе бидат сè побројни. Mumbai India slamovi 1

Мумбаи, Индија

Најверојатни мегаградови ќе бидат Пекинг, Њу Делхи, Џакарта, Сао Паоло и други. Бројот на жители најмногу ќе се зголеми во државите во развој, а особено во Африка. Значи, во однос на домувањето идниот предизвик е поврзан со зголемени потреби за домување на светско ниво. (United Nations /2004/ World Population to 2300, Department of Economic and Social Affairs, Population Division, New York)

Проекција за станбени потреби во Македонија до 2020 година, врз основа на согледување на трендовите на развој. Број на станови во РМ над 690.000, број на домаќинства над 557.000. Просечна површина на станови 70,71 м2, просечна станбена површина по жител 21,00 м2, а просечниот број жители на стан 3,35. Во најголем дел од неселените станови живее по едно домаќинство (93,77%). Голем дел на становите се изградени во периодот 1971 – 1980 година (27,18%) и по 1980 година (30,02%). Околу 11,9% од вкупниот станбен фонд е субстнандарден (ПП РМ, Домување, 2004, стр. 56). Според проекците на станбените потреби на ниво на РМ до 2020 година, (население 2.225.000 жители; број на домаќинства над 646.000), вкупните станбени потреби до 2020 година се проценуваат на околу 213.800 станови, кои се очекува да се реализираат етапно. Покрај нови станови, предвидена е комплетна замена на субстандардниот станбен фонд (ПП РМ, Домување, 2004, стр.57).

Бесправна градба како реалност во просторот

predgradie na Kejp Taun J Afrika 1

Кејп Таун, Јужна Африка

Не може објективно да се перцепира тематиката на домувањето ако не се согледа процесот на бесправна (спонтана, нерегуларна, дива) градба, која е особено изразена кај домувањето. Проблематиката на бесправна градба содржи во себе аспекти од општествено-политичка, економска, социјална, социолошка, здравствена и психолошка природа. Бесправната градба се однесува на изградба на објекти и цели населби без потребна документација за градење, или градење на делови на објекти кои не се содржани во добиената документација за градење. Бесправната градба е различно распространета во градовите и општините во Републиката, со поизразена застапеност во градовите што имаат поголем развој и во кои има поголема миграција, како што е примерот со Скопје.Divogradbi Lisice 01

Скопје

На подрачјето на Скопје, евидентирани се 27 локалитети со бесправна градба со вкупна површина од 622,80 хектари, од кои 17 локалитети се надвор од границите на урбаниот опфат на градот, а 10 во границите на урбаното подрачје. Не се работи за простори со инцидентни појави на бесправна градба, туку за компактни агломерации со претензии за сè поголемо ширење и зафаќање на сè поголем простор.

Проблемот уште повеќе го усложнува податокот што од вкупно 27 локалитети, само еден се наоѓа  на простор кој според ОУП е наменет за домување. Најголем дел од локалитетите (13) се развиваат на земјоделско земјиште, на простори наменети за индустрија (7 локалитети), на просторот дефиниран како парк шума Водно (4) и на простори предвидени за спорт и зеленило (2). Објектите се градени на парцели со различен облик и големина, често неорганизирано, со неоформена или лошо организирана комунална инфраструктура (ГУП на Град Скопје, ЈППУП, Нацрт план, 2000, стр.15).

Во периодот 2002 – 2009 година на подрачјето на Скопје се евидентирани 2.704 бесправни станбени објекти во сите 10 општини на Град Скопје, а најмногу во општина Чаир (538) и општина Центар (430 објекти). Во анализираниот период најмногу објекти (439) се евидентирани во 2005 година (ГУП на Град Скопје, Документациона основа, Книга 1, Агенција за планирање на просторот, 2011, стр. 300).

Во претходниот период, покрај декларативната подготвеност преку презентирање различни мерки за намалување и елиминирање на бесправната изградба, и покрај различни организациони модели на контрола (инспекција и извршување) на локално и централно ниво и реализирање различни акции со краткорочен ефект, изостана перменентна едновремена активност од сите субјекти за спречување на бесправната градба и затоа од година во година се таложеше проблемот и се зголемуваше обемот на дивоградбите.

И покрај одделните вклопувања во урбанистичките планови, дивоградбите секогаш беа пред плановите, и како резиме од целокупната проблематика е дека не се успеа да се спречи изградбата на бесправни објекти и населби.

Примената на Гордиевиот јазол е присутна кај проблематиката на бесправно градење. Во февруари 2011 година се донесе Закон за постапување со бесправно изградени објекти (Сл. весник на РМ, бр. 23/2011), според кој се регулира процес на амнестија на постојните бесправни објекти во период од шест години, со утврдување на правен статус (член 3) на бесправните објекти (со донесување на решение, член 21)  и со вклопување на објектите во урбанистичката документација.

После повеќе од половина период од имплементацијата на Законот, правно се легализирани голем број објекти (за илустрација, само во општина Кисела Вода, Скопје, се легализирани 3.354 бесправни објекти во текот на 2014 година).

Според законските одредби, после регулирање на статусот на објектите следи процес на вклопување во урбанистичките планови во период до пет години после конечноста на решението за утврдување на правен статус (член 30 од Законот).

Во суштина, потребен е реален период за нивно вистинско интегрирање во просторот, особено во однос на оформување соодветна инфраструктура за групации објекти и на цели населби, што реално бара сериозни усилби, средства и ангажирање од сите релевантни субјекти. Проблемот е апсолвиран од правен аспект и тие добиваат легалност, но останува да се унапредува нивната реална состојба во просторот и да се зголемува квалитетот на уредување на просторот. Тоа е долгорочен процес за залечување на лузните во градските организми создавани со децении.

Урбанистички планови и домување

Од вкупното урбано подрачје на градовите, определено со урбанистичките  планови (25.785 хектари), домувањето опфаќа 11.819 хектари (Национален извештај за Хабитат 2, 1996, стр. 36). Карактерот на домувањето плански се третира во урбанистичките планови на населените места. Во генералните урбанистички планови кои се донесени за сите градски населби, се врши основно зонирање на подрачјето за домување со одредби за организација на домувањето. Во деталните урбанистички планови за станбени населби и нивни делови се врши детално разработување на секој станбен објект со површини и висини за градење.

130405_SITUASJONSPLAN_2000_w

 Ставангер, Норвешка

Хуманизација на домување во урбана средина

Архитектите, преку своите истражувања и проекти, дизајнираат можна виртуелна иднина, а преку реализацијата на нивните проекти се обликува реалната иднина. Вечен креативен предизвик доближувајќи ја виртуелноста и реалноста. Посебен акцент треба да се насочи кон хуманизација на домувањето, особено во градовите. Тоа е потребно заради сè поголемото мерило на станбените згради, сè поголемата близина на објектите, нивото на сообраќајна поврзаност, паркирање на автомобили по тротоарите, недоволно организирање на паркинг простори, недоволно  лоцирање на соодветни придружни содржини, отежнато пешачко движење особено на лицата со хендикеп, дообликувањето на околните простори, зачувување и зголемување на присуство на вегетација околу објектите и слични интервенции, во функција на хуманизација на просторите за домување.

Vinge nov grad by Efekt do Kopenhagen Danska 4

Винге, Копенгхаген, Данска

Активности за  зголемување на квалитетот на домувањето:

–         одвивање на процес на трансформација на домувањето, со примена на принципите на одржлив развој, со помало зафаќање на плодно земјиште за просторен развој на домувањето;

–         поефикасна изработка на детални урбанистички планови на станбени населби или нивни делови, со поедноставен начин на изработување, донесување и спроведување на плановите, со понагласена улога на локалната самоуправа;

–         перманентен процес на одржување, обновување и модернизирање на станбениот фонд, особено во старите градски јадра и во постојните станбени населби. Суштински процес на урбана обнова на станбените населби;

–         почитување на архитектонската традицијата на домување и примена на идеите на традицијата во современа станбена архитектура;

–         перманентен процес на хуманизација на домувањето, особено во градовите;

–         активно вклучување на граѓаните при донесување особено на детални урбанистички планови, каде се третира секој станбен објект, во функција на постојано зголемување на квалитетот на домувањето.

Самуилова_крепост,_Охрид,_Македония

Охрид

(Продолжува)

 

Испрати коментар

Scroll To Top