При изборот на материјали за изработка на мебел во нашиот дом, меѓу првите што ни паѓаат на ум се добро познатите плочести материјали – иверица и МДФ-плоча, или народски познато како медијапан. Тие се избираат поради достапноста, прифатливите цени, лесната обработка и привлечниот изглед. Но, дали би дале шанса на „сировата“ шперплоча?
Кога ќе го слушнеме зборот „шперка“ или „шперплоча“, сè уште постои стереотип дека се работи за евтин градежен материјал со квалитет од пониска класа. Најчесто се користи „зад сцената“, без доволно софистициран, чист и обработен изглед, што го спречува да се прикаже во преден план. Но, сепак треба да ја разгледаме „шперката“ и од еден друг еколошки аспект кој има голем потенцијал. Токму со своите природни квалитети и топлина, шперплочата може да придонесе во создавањето на естетски привлечен и удобен дом. Од неодамна, светските дизајнери повторно се враќаат кон употребата токму на овој материјал, придавајќи му важна улога и модерен изглед на просторот и на мебелот.
Wood Ribbon Apartment, France, by Toledano + Architects
Шперплочата, иако се смета за „сирова“, претставува материјал со извонредни својства, што ја прави посебно фасцинантна и исклучителна. Технички и структурно, шперплочата е составена од повеќе слоеви на фурнир, импрегниран со фенолна смола и пресуван под висок притисок. Оваа технологија гарантира издржливост и цврстина на материјалот. Пресувањето при висока температура го зголемува противтежниот капацитет и димензионалната стабилност, што го прави материјалот не само поцврст, туку и отпорен на деформации.
Coopworth house од ФМД Архитекти, Тасманија
Првично, шперплочата се истакнува како лесна и погодна за обработка, што овозможува обликување на различни форми и дизајни. Освен тоа, шперплочата е еколошки прифатлива опција, бидејќи се изработува од природни дрвени влакна, што го намалува отпадот и влијанието врз животната средина. Таа има и висока стабилност и отпорност на деформации, што значи дека мебелот изработен од овој материјал има долготрајна употреба.
Технологијата и примената на шперплочите има древни корени кои датираат уште од времето на Старите Египќани и Римјани. Во Египет, од овој материјал се изработувале сандаци за мумифицирање, столови и други секојдневни предмети кои биле детално обработени со најразлична профилација и орнаментика. Во Стариот Рим пак, шперплочите биле користени за изработување мебел, но и како декоративни облоги на ѕидови и плафони во вилите и палатите. Ова докажува дека техниката на изработка на шперплочи има богата историја зад себе и традиција низ светот.
Технологијата на шперплочите како патент-производ е официјално добиена во 1865 година, а индустриски масовно почнала да се произведува околу 1910 година. Својот пик во дизајнот и во архитектурата, го достигнува во поствоениот период, односно во револуционерните 1940-те и 1950-те години на минатиот век, каде големи имиња во дизајнот, како Аалвар Аалто, Чарлс и Реј Имс, Марсел Броер и Доналд Џад ја користеле токму шперплочата во своите иновативни концепти и иконични парчиња мебел, подигнувајќи го материјалот на едно повисоко ниво. Препознавајќи го неговиот скулптурален потенцијал, а истовремено и неговата јакост, леснотија и флексибилност како својства, тие свесно избираат шперплочата да го обликува и симболизира дизајнот на мебел во тогашниот нов модерен свет – модерната.
Vikki’s Place од студио Curious Practice
Еден од првите вистински модерни дизајни на мебел од шперплоча е „Паимио“ столот креиран од финските архитекти и дизајнери Аалвар и Аино Аалто. Тој е тенок, лесен и извиен стол, впрегнат меѓу две тесни рамки, што дава впечаток на седло што лебди во воздухот. Извајаниот органски облик на седиштето и наслонот, е истовремено израз на слободната волја на Аалто и мајсторската манипулација на еластичноста која ја поседува материјалот. Тој иконичен дизајн покажа исклучително понатамошно влијание во индустријата, давајќи престиж на овој занемарен и потценет материјал. Ист таков принцип на иконичен и лесен израз има Имс LCW столот, дизајниран од Чарлс Имс во 1945 година.
Eames LCW Lounge Chair, 1945
Нешто подоцна во 1989 година, американскиот уметник Доланд Џад на својата изложба во Лос Анџелес, го претстави својот функционален мебел изработен исклучиво од шперплоча. Во едно интервју, тој изјави: „Голем број на материјали беа разгледани при изборот – метал, галванизирано железо, меѓу кои и шперплочата, која ја избрав пред галванизираното железо поради својата леснотија и способност да дефинира обем без да биде масивна. Така, можев да креирам големо парче мебел што и покрај големите димензии остануваше лесно, бидејќи мојата намера беше да се откажам од идејата за тежина и маса. Ме фасцинираше можноста за креирање на волумен.“ Џад ги користел димензиите на оваа работа во делата кои датираат од раните 70-ти години.
Oni Studios. Дизајн: Давид Кониечни
Воспоставувајќи силни темели, овие дизајнери ја истакнуваат сировоста, леснотијата и скромноста на овој материјал на едно повисоко ниво, кое денес игра голема улога. Со интеграцијата на шперплочата во нивните иновативни дела, тие го пренесуваат на концептуално и естетско ниво, претставувајќи го како витален елемент во современиот дизајн. Оваа нова перцепција на шперплочата не само што придонесува на нејзината популарност и прифатливост, туку и ја преобразува во објект на културно искуство и визија, стимулирајќи креативност и инспирација во дизајнерската заедница денес.
L’ottocento – Atlante Кујна
Хипнотизирачки фурнир
Следејќи ги будно трендовите и она што е актуелно во годината која ни претстои, издвојуваме една храбра новина која зема голем замав во светското ентериерно уредување, отворајќи врати кон безброј можности – станува збор за таканаречениот „хипнотизирачки фурнир“.
Off-White Продавница во Париз – АМО
Што всушност претставува овој трендовски фурнир? Еден од најпрепознатливите примери е Sottsass од брендот ALPI. Тој претставува смело истакнување и акцентирање на годовите и шарите на дрвото, и го забележуваме како тренд во новите проекти, од резиденцијални до комерцијални (вклучувајќи ја и флагшпип-продавницата на модниот бренд Off-White во Париз), во разни шарени и неутрални варијанти и големини.
Ettore Sottsass
Овој дизајн оригинално бил креиран во 1985 година од познатиот дизајнер Еторе Сотсас, пионер на Мемфис движењето, но денес се појавува како свеж и возбудлив материјал. Сотсас има големо влијание на современиот дизајн преку неговиот уникатен и иновативен пристап. Неговиот заштитен знак се карактеризира со јаки бои, необични облици и нетипични материјали. Преку Мемфис движењето, Сотсас го предизвикува традиционалниот дизајн, воведувајќи смели елементи на хумор, разиграност и експресија.
Togrul table
Она што го прави автентичен е паттернот кој е хипнотизирачки, повторен низ секции, истакнувајќи ги змиските годови на дрвото. Брендот ALPI го произведува од Ayous, одговорно управувани и контролирани шуми во согласност со строги стандарди за животна средина. Преку технолошки процес на расклопување и размонтирање на дрвото се добива нов облик и изглед. Овој процес постои веќе повеќе од 100 години, но веќе е претворен во индустриски процес. Крајниот материјал изгледа како 2Д принт и тапет, но тоа е само природната автентична форма на дрвото добиена со мала човечка помош.
И треба да се има предвид дека многу од таквите фурнири и шперплочи не се само еколошки прифатливи материјали, туку и одржливи во употребата. Честопати се изработени од дрвени отпадоци, што ги прави производи погодни за рециклирање. Дали е тоа доволна причина за вметнување на ваквите материјали и шперплочите во домот?
Автор: Ангела СТЕФАНОВСКА, дипл. инж. арх.
Meisen cabinets