Насловна / Вести / Употреба на геолошки софтвер при стереографска анализа на структурно-геолошки елементи

Употреба на геолошки софтвер при стереографска анализа на структурно-геолошки елементи

Определувањето на теренот како потенцијална зона на интеракција, односно зона во чии рамки во иднина ќе се врши или веќе се врши определена инженерско-градежна дејност, претставува доста сложена и комплексна геотехничка задача.

Геотехничките карактеристики на еден геолошки медиум претставуваат вредносни параметри кои се директна последица на заемното дејствување на минеролошко-петрографскиот, инженерско-геолошкиот, структурно-геолошкиот, физичко-механичкиот и тектонскиот склоп, сврстени во една целина. Таквата целина, пред каква било градежна активност од човекот, во основа претставува природно напрегната карпеста средина, односно средина која се наоѓа во т.н. природно напонска состојба во чии рамки владеат примарни напони кои влијаат врз физичко-механичките својства, карактеристиките и однесувањето на карпестите маси во природата.Slika 1

Слика 1. Инженерско-геолошко картирање на терен

Градежната дејност на човекот, било да се тоа геолошко-геотехнички истражувања, изградба на одреден објект, рударство и сл., има тенденција на нарушување и дисбаланс на таа природно напонска рамнотежа, која во природата се манифестира на различни начини и тоа преку појава на нестабилни зони, одрони, свлечишта, ерозија и сл. Сето ова наметнува потреба од изнаоѓање на практични решенија за нејзино повторно воспоставување. Токму во овој сегмент од геотехниката и градежништвото, науката секојдневно се занимава со изнаоѓање на најсоодветна методологија преку која се изнесуваат решенијата на ваквите проблеми и задачи. Меѓу другото, во геотехничката практика свое место сè повеќе заземаат геолошките и геолошко-геотехничките софтверски програмски пакети, каде како најупотребувани се издвојуваат следниве: DIPS, SWEGDE, GEO 5, PLAXIS, ROCK LAB и други.

СТЕРЕОГРАФСКА ПРОЕКЦИЈА НА ГЕОЛОШКИ СТРУКТУРИ СО УПОТРЕБА НА ГЕОЛОШКИ СОФТВЕР „DIPS, ver. 6.014“

Употребата на геолошки софтвер во геотехничката проблематика се сведува на решавање на комплексни геотехнички задачи при проектирањето, експлоатацијата или одржувањето на разновидни градежни објекти, каде преку внесување на влезни параметри (инпути) се добиваат корисни и, пред сè, практични решенија за оној што проектира, експлоатира или одржува одреден градежен објект.

Slika 2

Слика 2. Анализа на податоци (излезни параметри, графици, дијаграми, розети)

Општо прифатена практика во светот, па и кај нас, е дека пред изведба, одржување или санација на каков било градежен објект (пат, железница, брана, свлечиште и др.) треба да бидат извршени соодветни геолошки, инженерско-геолошки и геотехнички истражувања во обем и вид како што наметнува потребата за дадениот проблем. Овие истражувања опфаќаат: проспекција на теренот што е предмет на работа, со дефинирање на вид и обем на истраги, изведба на истрагите (истражни ископи, истражно дупчење, инженерско-геолошко картирање „in situ“ итн.), лабораториски испитувања, анализа на податоците, употреба на геолошки софтвер, сублимирање и елаборирање во соодветна техничка документација.

Ваквиот концепт на истражувања е применлив во сите сфери на геотехничко дејствување (проектирање, санација, експлоатација, одржување) на градежни објекти и тоа:

  • Свлечишта и нестабилни зони (одржување, санација);
  • Косини на патишта, железници, цевководи (проектирање, изведба, одржување, санација);
  • Брани и други хидротехнички објекти (проектирање, изведба, одржување, санација);
  • Патишта (проектирање, изведба, одржување, санација);
  • Железници (проектирање, изведба, одржување, санација);
  • Тунели (проектирање, изведба, одржување, санација);
  • Рудници (површинска и јамска експлоатација);
  • Далеководи, трафостаници (проектирање, изведба, одржување, санација)
  • Пречистителни станици, цевководи, канали (проектирање, изведба, одржување, санација) и др.

Целта на програмскиот пакет DIPS е преку стереографска проекција и анализа на различни геолошки структури да ги посочи и ограничи критичните точки со сите значајни параметри и елементи кои претставуваат предмет на истражувања. Како најзначајни геолошки структури кои најчесто се предмет на мерења и анализи се планарните и руптурните структурни облици и форми застапени во рамки на различни карпести средини и тоа: елементи на пад на слoевитост/фолијација/залегање, пукнатини и пукнатински системи, наборни (моноклинални,антиклинални,синклинални) структури, раседни структури, кливаж и др.

При обработка на податоци за стереографска анализа на геолошки структури со програмскиот софтверски пакет DIPS, ver. 6.014, неопходно е да се спроведат следниве неколку постапки:

  • Детално инженерско-геолошко картирање на теренот што претставува предмет на истражување кое опфаќа собирање на доволен фонд на структурно-геолошки податоци за потребната анализа;
  • Внесување на влезни параметри (инпути);
  • Обработка на податоци;
  • Излезни параметри, вредности, графици, дијаграми, розети;
  • Анализа на податоци;
  • Предлог-препораки и предлог-решенија.

Ваквиот методолошки пристап на истражувања, кој меѓу другото опфаќа и употреба на геолошки софтвер, дава значителен придонес во решавање на најкомплесните задачи во градежната и геотехничката практика, со зголемена доверливост и детерминирање на инженерските проблеми, односно нивно разрешување и имплементирање во инженерската практика при реализација на објектите.

Изработил: Игор Митев, дипл.инж.геолог

(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)

 

Испрати коментар

Scroll To Top