Total EngineerTeam RSVP го работи проектот за реновирање на главната зграда на Универзитетот за технологија (Eindhoven University of Technology -TU/e) во Холандија, која кога комплетно ќе се заврши ќе биде најодржлива зграда на универзитет во светот.
На 27-ми септември, проектот е награден како „BREEAM Outstanding“ во рамките на „BREEAM-NL sustainability label“ во Холанија, со резултат од 93,86%.
„Многу сме горди на овој резултат. Одржливоста е многу важна тема во нашиот процес на едукација и истражувања, па со ова одиме чекор понапред во начинот на проектирање и експлоатација на нашите објекти. И досега, поточно во последните 15 години, имаме инвестирано во одржливи концепти, како што е нашиот систем за геотермално греење кој е еден од најголемите во Европа.
Сега овој систем ќе се надгради со соларни панели, со што целосно ќе се супституира потребата од природен гас. Проектот предвидува и ефикасно ЛЕД осветлување со автоматско управување и контрола, како и многу други содржини.
Сите овие активности ќе придонесат за намалување на емисијата на стакленички гасови на објектот за 80%. По целосното завршување во 2018-та, оваа зграда наречена „Атлас“ ќе функционира како жива лабораторија за иновативни и одржливи технологии“, вели Jo Van Ham, потпретседател на TU/e.