Насловна / Архитектура / Универзитет „Тамасат“ во Банкок: Старо-новиот град во градот

Универзитет „Тамасат“ во Банкок: Старо-новиот град во градот

rectoroffice

Автопати со повеќе ленти кои се прекрстуваат и испреплетуваат, студентски домови и објекти за домување чиишто волумени максимално ги исполнуваат урбанистичките параметри, фабрики и парчиња зеленило со водни канали, е сликата на периферната населба на Банкок, Рангсит. Преименувана во мал град во 1994 година, Рангсит претставува урбано-рурална периферија на Банкок со адаптабилна урбанизација, првенствено како сервисна и индустриска зона на градот, во последните години развивајќи се како зона за домување и образование поради постојаниот раст на популацијата и градската експанзија.

Мегапроектите на кралството за развој на инфраструктурата и стимулација на урбанизацијата за економски развиток, ја вклучуваат и тековната изградба на воз подигнат на платформа над градот-skytrain, којшто ќе ја поврзе последната станица на skytrain во градот Мо Шит (портата кон градот) со населбата Рангсит. Овој транспортен продолжеток, предвидено е да ги комплетира градежните активности во 2019 година. По изборите во мај 2014 година, избраната моментална власт од воени генерали предложила осумгодишен план за инвестиции во транспортот вреден околу три трилиони тајландски бахти. Поради новите транспортни можности и поврзувања, во периферијата почнуваат да се градат нови комерцијални центри и резиденцијални објекти, зголемувајќи го карактерот на градот Банкок како мултимодална територија.

studentski dom od Atelier of architects kaj thammasat

Студентски дом при универзитетот „Тамасат“

Во рамките на Рангсит се наоѓаат неколку познати тајландски универзитети: Азискиот институт за технологија, Универзитетот „Рангсит“, Институтот „Муај Таи“ како и кампусот на треторангираниот тајландски универзитет „Тамасат“. Основан како факултет првенствено за морални и политички науки во 1934 година, „Тамасат“ е директно поврзан со историјата и борбата на граѓаните да го променат општественото уредување од монархија во демократија. Идејата за овој универзитет е на Приди Баномуонг, таткото на тајландската демократија и тогашен министер за внатрешни работи, кој го напишал „Aктот за универзитетот на морални и политички науки“ во 1934 година. Универзитетот е основан на шестте постулати на Партијата на луѓето, борејќи се за правото на луѓето да имаат целосно образование.

vlez vo sportski objekti

Влезот во спортските објекти

Во 1973 година, „Тамасат“ е центарот на про-демократските протести коишто довеле до крвавите протести на 14 октомври. Три години подоцна, во првичниот кампус на „Тамасат“ во стариот дел на Банкок, Та Пра Чан, се случил голем масакар на студенти кои протестирале. Откога двајца студенти биле истепани до смрт поради искажување на мислења против власта, студентите направиле претстава со која го исмевале настанот привлекувајќи го вниманието на печатените медиуми. Поради ваквото однесување, утрото на 6 октомври 1976 година полицијата и паравоени групи го опкружиле кампусот и биле убиени стотици студенти. Денеска на местото на случката во кампусот Та Пра Чан е поставен споменик кој ги симболизира случувањата. Кампусот во Рангсит започнал да се гради во 1980 година за да се направи нов дом на универзитетот и да се обезбеди поголема територија на којашто би можеле да се сместат објектите на поединечните факултети.

2. rectors office inside

Во дворот на ректорскиот комплекс

Кампусот е поделен на три дела: академска зона, зона за домување (студентски домови) и различни спортски објекти. Низ нив се испреплетуваат улици на коишто секојдневно се движат универзитетскиот автобус и комбиња, автомобили, мотор-такси и студенти на велосипеди. Објектите во академската зона се дела на познати тајландски архитекти. Архитектурата ги следи принципите на модерната архитектура, синтетизирајќи ги и принципите на тајландската традиционална архитектура.  Спортскиот центар на „Тамасат“ во 1998 година бил употребуван за Азиските игри и во 2007 година за Летната универзијада. Во рамките на кампусот има полициски станици, банки, кантини и продавници, како и градинки и основно училиште за децата на вработените на универзитетот.

Arhitektonski fakultet vo Rangsit kampus

Архитектонскиот факултет во Рангсит кампус

Бројката на студенти на универзитетот денеска изнесува 35.000 студенти (во 2010 година бројката изнесувала 20.000 студенти). Објектите изградени во населбата Рангсит претставуваат децентрализирање на универзитетот и негова експанзија на поголема територија. Кампусот претставува мал град, колаж од објекти на поединечните факултети, зеленило, пешачки патеки покриени со високи кровни конструкции, мали езерца и канали и разни севрисни услуги. Во неговата околина се наоѓаат големи трговски центри, студентски домови со големи размери, објекти за индивидуално домување и полиња за одгледување на земјоделски култури.

Факултетот за архитектура надворешно е изграден во пост-модерен стил, иако неговата внатрешност обединува принципи на тропската архитектура. Кон внатрешноста се пристапува со отворени платформи, внатрешниот атриум му дава леснотија на објектот и овозможува циркулација на воздухот. Во кровната конструкција е поставен отвор кој во зависност од временските услови може да се отвора и затвора. На поединечните коридори, на секое ниво се поставени саксии со зеленило коешто расте надолу. 100

Широкот внатрешен простор и страничните платформи се користат за изложби, дискусии и средби на студентите. Околу наоколу во просторот постојат места со изложени модели, изработени прототипови на ентериер и постери од проекти. Во внатрешноста живеат птици, карактеристично за објектите во Тајланд, надворешното езерце пред самиот влез на факултетот претставува дом на риби коишто студентите секојдневно ги хранат (обичај преземен од будистичките храмови).

1. learning centre

Факултетот има пет архитектонски програми: програма за проектирање, пејзажна архитектура и урбанистичко планирање, како и две нови интернационални програми – програма за бизнис, дизајн и технлогија, и програма за урбан дизајн и урбанистички развиток. Студентите во најголем број се локални. Програмата за урбан дизајн и развиток претставува најновата и најнеопходната програма поради брзиот развиток на градот и масивното урбанизирање. Студентите можат да се специјализираат во три насоки: јавна администрација – изработка на правилници и стандарди за урбанистичкиот развиток, потоа работа во секторот со недвижности (Банкок е во градежен бум, кој се очекува да ескалира во наредните години) и специјализација во партиципација со владиниот и невладиниот сектор за балансирање на урбанизацијата и квалитетот на живеење на населението на одредени територии.

vlez vo tamasat taprachan

Влезот во „Тамасат“

Како и повеќето факултети, и факултетот за архитектура се обидува да ги следи развојните текови во Југоисточна Азија, истовремено следејќи ги тековните случувања и трендови во Европа. Студентите ги развиваат сопствените проекти обидувајќи се во нивните концепти да вметнат и од принципите и концептите на традиционалната тајландска архитектура. Самите професори честопати преводот од традиција во современо го поставуваат како приоритет.

TUMAP-FINAL08.08.14

Социјалната одговорност и односот на индивидуата во рамките на општеството остануваат да бидат едни од најважните и главните постулати на факултетот. Главниот принцип којшто универзитетот се обидува да го имплементира, е да ги научи студентите дека како индивидуи имаат и општествено влијание. Без разлика на спротивставувањата во минатото, универзитетот сè уште претставува традиција во образованието и факултет којшто неколку генерации го избираат.

TOPSHOTS-THAILAND-LIFESTYLE-GUINNESS-RECORD-HULA

Универзитетот сè уште живее во „систем“ заедно со тековната влада, што го прави значителна алка во општеството. Како што е честопати случај со градовите во Тајланд, позиционирањето на универзитетскиот кампус предизвикува создавање на нов урбанистички центар.  Плановите за иднината и поврзувањето на проширувањата на градот се директно поврзани со иднината на универзитетскиот кампус. Во наредните години, со изградбата на skytrain и изградбата на објекти за домување и општествени објекти во околината, се очекува овој дел на Банкок да стане уште поатрактивен за живеење и да создаде уште еден град во градот.

Испрати коментар

Scroll To Top