Жители на Дебар Маало со барање да не се урива Универзалната сала, а новиот Конгресен центар да се изгради на друга локација.
На локацијата на Универзална сала е предвиден нов објект (Големото јајце), поточно Конгресен центар „Александар Македонски“, чија содржина е многу поголема од стариот објект и ја надминува границата на објект од градско значење.
Содржините се : Голема сала (2.500 до 3.000 седишта, со име „Тоше Проески“), две помали сали („Мајка Тереза“ и ВМРО), четири конгресни сали („Гоце Делчев“, „Тодор Александров“, „М.А.Ченто“ и „Борис Сарафов“), шест билатерални сали.
Оваа обилна содржина на новиот Конгресен центар укажува дека овој објект треба да служи на сите граѓани на Македонија, а не само на жителите на Скопје.
Проблемот е што сегашната локација на Универзална сала е премала и претесна за да одговори на потребите на замислената нова содржина. Тука веќе се наоѓаат новоизграден хотел со катна гаража, детско игралиште, мал отворен паркинг, една од првите модерни фонтани во Скопје „Три цвета“, како и 40-50 дрвја (зимзелени и листопадни).
Местоположбата на сегашата локација е таква што не може да овозможи нормален приод на консументите на новата содржина. Опкружена е со еднонасочни тесни улици, на кои има паркирани возила на локалните содржини што оневозможува економски приод до објектот, да не зборуваме за приод до подземно паркиралиште.
Притоа, за потребите на новиот објект, треба да се уништи игралиштето и да се исечат постоечките дрвја. За пешачки приод пак не станува збор, имајќи ја предвид пешачко-коловозната крстосница, спрема важечките прописи. Да не заборавиме на секојдневните сообраќајни незгоди што се случуваат токму на преминот пред салата. Воедно, не смее да се повтори сликата на паркирани автобуси на двете коловозни ленти на булеварот „Партизански одреди“, кој е од особено значење за сообраќајот во Скопје, а се наоѓа во густо населени населби како Дебар Маало и Буњаковец.
Се доаѓа до суштината, дека е потребен нов простор за замислениот Конгресен центар. Како поради неговите обилни содржини, така и поради структуралната форма на големо јајце. Заслужува локација која ќе ги задоволи сите потреби и прописи за користење на неговата содржина. Такви локации со добра пристапност за автомобили и автобуси и достоен пешачки приод има на повеќе локации во Скопје – покрај реката Вардар, каде што веќе е лоциран спортскиот центар „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“ со хотел „Русија“. Каде прашањето на паркирање е решено на ниво земја-партерно паркирање.
Поевтино е да се изгради нов објект, но без уривање на стариот објект (што чини пари) и изградба на подземен паркинг со високо ниво на подземни води во тој реон. Веќе постои готов проект за реконструкција со мала доградба, кој можеби е поевтина варијанта отколку уривање на постојниот објект.
Затоа апелираме: оставете ја Универзална сала за најмладите, на оние што освен пионерски дом „Карпош“ на улица Илинденска, немаат свој простор. Како на пример центар за активности кој одговара на нивната возраст и желба – драмски секции, балетски, модерни игри, детски натпревари во пеење и многу други содржини.
Важно е да се потенцира: Универзална сала не смее да се урива, напротив, треба да остане за најмладите. Како нивен дом, културен центар. Универзална сала е наш мементо, сеќавање на добрите луѓе кои по земјотресот му помогнаа на нашиот град, се вели во апелот на жители од Дебар Маало.