Насловна / Архитектура / Универзална сала: во сенка на Дамокловиот меч

Универзална сала: во сенка на Дамокловиот меч

Универзалната сала e тивкиот сопатник и сведок на животот во Скопје, но и еден од ретките зачувани репери коишто му дадоа своевиден континуитет на градот во изминатите 54 години. Можеби тоа е и „тајната“ на успехот на овој ненаметлив, но лесно препознатлив објект. Во последниве години сведоци сме на активности коишто во голема мерка ја доведуваат во прашање иднината на објектот кој едновремено е и симбол на хуманоста, пријателството и поддршката на меѓународната заедница во обновата на Скопје по земјотресот.  Искуствата во урбанистичко-архитектонско-градежниот домен во земјата, и особено во главниот град, по независноста само додаваат дополнителен набој на веќе наелектризираната атмосфера во која се разгледува иднината на овој објект, а во услови кога сите знаеме дека најдобро е одлуките да се носат професионално, смирено, објективно и непристрасно, но пред сè базирано на факти.

4_resize

Што навистина знаеме за Универзална сала?

Одговорот е многу малку! Пребарувањата по дигиталните медиуми нудат повеќе информации за успешно организираните минати настани во салата отколку за самиот објект. Ограничените информации укажуваат на повеќенаменска сала со капацитет од 1568 места изградена по скопскиот земјотрес според проектот на архитектите, браќата Јарослав, Владимир и Љубомир Станков и нивната сестра К. Станкова-Мутафова од Бугарија, отворена на почетокот од 1966 година. Објектот се смета како модифицирана копија на Софискиот национален циркус изграден со метална конструкција во 1962 година со внатрешен дијаметар од 43 метри, висина на куполата од 19 метри и капацитет од околу 2000 места, а којшто изгорел во пожар во 1983 година. Нема индикации за објавени стручни или научни трудови за Универзалната сала во Скопје како резултат на што се чини дека има многу малку пошироко достапни и расположливи информации за архитектонско-градежните карактеристики на самиот објект.

1_resize

Иднината на Универзална сала?

Реконструкција со или без доградба, рушење, парк, новоградба на истата или на друга локација, како и референдум се дел од можните сценарија за иднината на Универзалната сала, а коишто накратко се разгледани за да се укаже на евентуалните предности и слабости за дел од предложените решенија.

Реконструкција со или без доградба

Предностите на овој пристап се повеќе од очигледни. Градот ќе го сочува објектот кој е симбол на меѓународната солидарност и како таков тој ќе остане како за сегашните, така и за идните генерации. Објектот повторно ќе се стави во функција и овој дел на градот и културниот живот ќе заживее како и во минатото. Се разбира квалитетните реконструкции на објектите чинат материјални средства, но тие можат да го продолжат животот на објектот барем за неколку децении. Дополнително, веќе изградените објекти се сметаат за најодржливи заради вградената енергија при нивната првобитна изградба и намаленото негативно влијание на планетата во споредба со рушење и новоградаба.

Како потенцијални слабости на ваквиот пристап би биле ограничувањата коишто произлегуваат од самиот објект, во смисла на ограничените можности за унапредување на објектот, како и за зголемување на капацитетот или услугите коишто објектот може да ги понуди, особено доколку истите зависат од обезбедување дополнителни простори коишто сега не постојат или не можат да се обезбедат.

Реконструкција која го почитува оригиналниот карактер на објектот би можела да направи чуда за истиот дури и евентуално во комбинација со доградба која ги почитува воспоставените принципи за доградби, односно истите да се подредени на основниот објект и да не ја опфаќаат или нарушуваат главната фасада на објектот.

2_resize

Рушење

Основната предност е дека ќе се овозможи изградба на нов објект.

Слабостите се губење на оригиналниот репер кој му го дава континуитетот на градот, но веројатно и уште повеќе на симболот на меѓународната солидарност.  Со ова Универзалната сала веројатно ќе се приклучи на Листата на изгубено наследство на Википедија и слични регистри на коишто се наоѓаат и значајни објекти низ светот како што се: Емпајр (Вембли) стадионот во Лондон; Империјал хотелот во Лондон, „Вториот“ Империјал хотел во Токио; Мезон ду Пупле/Волксхис во Брисел, Паулинекирше во Лајпциг, Пенсилванија железничката станица во Њујорк и многу други коишто ја дочекале оваа судбина не како резултат на природна или од човек предизвикана катастрофа туку како резултат на донесени одлуки врз основа на коишто трајно се изгубени овие примери на културно и градителско наследство. Исто така, градежниот шут од објектот ќе треба некаде трајно да се депонира со што дополнително ќе се зголеми загадувањето на човековата околина и ќе се наруши биолошката разноликост.

3_resize

Парк

Предностите од евентуално уредување на парк на парцелата на срушената сала се базираат на зголемувањето на зелените површини во близина на централното градско подрачје, подобрување на микроклимата и загадувањето, а со тоа и облагородување на локалитетот.

Слабостите од ваквиот пристап во најголема мерка произлегуваат од минатото искуство дека зелените површини како такви во нашиот главен град не опстојуваат предолго и најчесто завршуваат со новоградби коишто го пополнуваат скоро секој слободен простор на парцелата. Исто така, евентуалната нерасчистена сопственост на земјиштето може да предизвика дополнителни компликации и да ги загрози посакуваните резултати.

Новоградба

Придобивките се дека преку квалитетна градба на оваа локација може да се воспостави нов репер за идните генерации и да се одговори на еволуцијата на програмските и просторните барања за еден ваков објект. Дополнително, новоизградениот објект би требало да обезбеди барем неколку децении релативно безгрижна употреба на објектот.

Слабостите се дека евентуалната изградба на нов објект на оваа локација, дури и со идентична или слична содржина ќе резултира во губење на оригиналниот репер кој му го дава континуитетот на градот и со своето присуство ја отсликува не само солидарноста на меѓународната заедица туку и возвратната почит и благодарност на граѓаните на Скопје. Иако нов објект значително може да го надмине нивото на енергетска ефикасност коешто може да се постигне преку реконструкција на постојниот објект, може да се претпостави дека кумулативниот ефект од рушењето на постоечкиот и изградбата на новиот објект веројатно ќе биде полош отколку опцијата за реконструкција на постојниот објект.

Веројатно како дополнителен ризик и потенцијална слабост може да се посочи и присутната пракса до максимум да се изгради расположливата градежна парцела, а притоа да не се земе предвид потребата од слободна надворешна површина барем доволно голема за прифат на сите посетители, артисти и вработени лоцирана надвор од досегот на евентуалните урнатини и/или зоната за интервенции на противпожарната служба.

5_resize

Референдум

Предноста на референдумот е дека ќе даде можност граѓаните да го искажат своето мислење по ова прашање.

Истовремено референдумот може да се појави и како слабост во зависност како истиот ќе се организира, на кое прашање се очекува граѓаните да одговорат, кои информации ќе бидат достапни и кој ќе биде квалитетот на истите за граѓаните да можат да ја базираат својата одлука врз основа на оформено мислење базирано на факти, на кое ниво ќе се постави минималната граница за валидност на резултатите, дали резултатите од референдумот ќе бидат обврзувачки или пак само информативни итн.

6_resize

Кое е вистинското прашање?

Каква е иднината на Универзалната сала веројатно е погрешното прашање.  Можеби најсоодветното прашање е како дојдовме во ситуација да се дискутира за иднината на Универзалната сала? Со редовно тековно и капитално одржување секој објект може да трае со години, што е евидентно од мноштвото на објекти коишто траат со векови. Еве, и да се сруши Универзалната сала и да се изгради новиот објект со идентичен пристап кон објектот како досега само е прашање на време кога новиот објект ќе се соочи со истите егзистенцијални проблеми како и постојниот објект.

Досега видените имагинативни визии на архитектите за евентуалниот објект кој што би ја заменил Универзалната сала се визуелно и обликовно атрактивни.  Но овој вид на објекти се „купува“ само во продавница каде цените не се изложени во излогот затоа што тој што ќе влезе таму не прашува колку ќе чини да се купи објектот, а уште помалку колку ќе чини да се одржува. Оттука веројатно се поставува прашањето во колкава мерка евентуалното задолжување за изградаба на нов објект на оваа или на некоја друга локација во услови на пандемија ќе влијае врз кревката економија на земјата, како и во колкава мерка товарот на отплатата на долгот и живеењето со последиците по животната средина од рушењето на постојниот и изградбата на новиот објект ќе ги оптоварат идните генерации.

Еве дури и да се одржи референдум за иднината на Универзалната сала каде се податоците врз основа на коишто ќе треба да се одлучи: детални архитектонско-градежни информации за објектот вклучително со валоризација на вредноста не само како објект туку и како градба со невообичаена конструкција и културно-градителски вредности; проценка на сегашната состојба на објектот со план за тековно и капитално одржување на иститот, вклучително со проценка на минимално потребните интервенции и инвестиции за објектот за да се стави повторно во функција; студија за посетители од којашто ќе се утврдат потребите на објектот и на градот; студија за капацитетот на објектот и на парцелата, особено со оглед дека просторните ограничувања можеби нема да дозволат задоволување на сите амбиции на оваа локација; студија за алтернативни намени на објектот; студии за влијанието од евентуалната изградба на нов објект врз локалниот сообраќај и врз животната средина; компаративна анализа на можните опции базирана не само на цената за изградбата на објектот туку базирана и врз трошоците за новиот објект за очекуваниот животен век на објектот и тоа со паралелни, парични и јагленородни пресметки; студија за долгорочната економска одржливост на објектот итн.

Додека Универзална сала се наоѓа во сенката на Дамокловиот меч, а светот во прегратките на пандемијата да се надеваме дека разумот ќе преовлада и дека, ако ништо друго, барем потребните информации ќе станат достапни за одговорно и сериозно да се разгледа проблемот со желба да се дојде до не само најдоброто долгорочно туку и до најодржливото решение на овој проблем.

Испрати коментар

Scroll To Top