Централниот регистар на Република Македонија постапувајќи по пријавата за упис на промена на назив од јавната установа Центар за организирање приредби Универзална сала, на 8 јануари годинава извршил промена на името на оваа установа во Конгресен центар „Александар Македонски“.
Доколку се отвори сајтот на сега веќе старата Универзална сала, може да се забележи дека е во тек изработката на нов сајт во кој ќе биде вметнато новото име на оваа установа во која досега се одржани безброј концерти, објавува интернет порталот еМагазин.мк.
Според извори на еМагазин, администрацијата на Салата веќе користи и печат со новото име. Универзална сала е времен објект, подарок на градот Скопје од 20 држави, по земјотресот од 1963 година.
Новата концертна сала е дизајнирана од архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн”. Ќе има голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории.
Последните информации околу новото име на Универзална сала од пред неколку месеци, беа дека Салата можеби ќе го носи името на прерано загинатата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески.