Насловна / Архитектура / Универзална сала ќе се спаси од рушење

Универзална сала ќе се спаси од рушење

Вчера градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на седницата на Советот на советниците, изјави дека Универзална сала нема да се руши, туку таа ќе се реконструира, а нова концертна сала ќе се гради на друга локација.

„Постојниот објект ќе се реконструира, во сегашниот облик и големина, а средствата треба да се добијат од претстојниот ребаланс на Буџетот на Северна Македонија, коj се очекува да биде изгласан деновиве. Имајќи предвид дека стручната фела се изјасни дека на локацијата на Универзалната сала не е возможно да се изгради објект со поголеми димензии, мојата желба беше да се реконструира Универзална во постојниот габарит, а да изградиме нова концертна сала на друга локација“, рече Шилегов.

univerzalna

Владата и Министерството за култура се согласиле да се издвојат средства со ребалансот на Буџетот, во износ од 2 милиона евра, кои ќе бидат префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје. Во меѓувреме, ќе се вршат проценки и пресметки за веднаш штом ќе се добијат средствата, да може да се започне со постапките за јавни набавки и што е можно побргу да започне реконструкцијата на Универзална сала.

„Се надевам дека сите постапки ќе се одвиваат брзо, за на почетокот на следната концертна сезона, после 6 години неработење, Универзалната сала повторно да биде отворена“, изјави Шилегов. Тој додаде дека активностите нема да застанат тука и дека се одржани повеќе средби со министерката за култура околу плановите за изградба на нова, поголема концертна сала која би ги задоволила потребите на градот.

Летово, Град Скопје распиша конкурс за идејно решение за летна сцена и парк на местото на Универзална сала. Што се случи со конкурсот не ни е познато.

Испрати коментар

Scroll To Top