Научниците предупредуваат дека истите фактори што доведуваат до истребување на животните, уништување на нивните природни живеалишта и климатски промени ќе доведат до нови пандемии како што е „ковид“, а единствениот начин да се спречи тоа е да се усвојат промени на институционално ниво и да се издадат значителни средства за заштита на животната средина.
Зачувувањето на биолошката разновидност може да спаси човечки животи, според новиот извештај на меѓународна група научници, кој ги разгледува резултатите од најновото истражување за тоа како уништувањето на природните живеалишта на животните ги изложува луѓето на нови болести.
“Научниците воопшто не се расправаат за тоа. Сечењето на шумите е примарен двигател на пандемијата“, вели Ли Хана, климатолог од организацијата „Conversation International“ и специјалист за уништување на шумите. Хана беше еден од рецензентите на извештајот составен на крајот на јули на виртуелната работилница на Меѓувладината платформа за наука и јавна политика за биолошка разновидност и услуги на екосистемот (IPBES), која обединува научници од академијата, владите и непрофитните организации.
Без превентивни стратегии, пандемиите ќе се појават многу почесто, ќе се шират побрзо и ќе убијат многу повеќе луѓе, а влијанието врз глобалната економија ќе биде потешко од кога било досега, се наведува во извештајот.
Овие стратегии за превенција треба да бидат насочени кон спречување на ширење на болести кои обично потекнуваат од животни, односно зоонози, како што е наведено во извештајот.
Зоонозите, кои вклучуваат, на пример, вируси Ковид 19, ХИВ, грип, ебола и Зика, потекнуваат од микроби кои живеат меѓу животинскиот свет и можат да заразат луѓе. Нивните најчести вектори се лилјаците, птиците, приматите и глодарите.
Научниците проценуваат дека меѓу цицачите и птиците има околу 1,7 милиони вируси кои сè уште не се откриени, од кои половина можат да заразат луѓе.
Не случајно пандемиите стануваат се почести, со оглед на фактот дека човечките активности вршат се поголем притисок врз животната средина и ги приближуваат луѓето во контакт со дивиот свет, се наведува во извештајот.
Уште во ноември минатата година, научниците предупредија дека зголеменото уништување на шумите создава поповолни услови за епидемии. Како пример за тоа, Хана го наведува уништувањето на шумите во Амазон, што обично се случува со цел да се изврши пасење на добиток.
Добитокот може да дејствува како посредник меѓу заразениот див свет и луѓето кои работат со него, посочува тој.
Покрај тоа, уништувањето на природните живеалишта на дивиот свет може да доведе до нивно преместување на нови територии, принудувајќи ги да бараат повеќе домови во урбаните области, се вели во извештајот.
Хана нагласува дека е многу важно да се разбере размерот во кој треба да дејствуваме и кој достигнува ниво што не е видено порано.
Научниците кои го дадоа извештајот предлагаат формирање на меѓународно тело кое ќе ги следи постигнатите резултати во областа на превенција од пандемија, што финансиски ќе го поттикне зачувувањето на биодиверзитетот и ќе инвестира во истражување и едукација.
Тие се надеваат дека овие институционални промени ќе го намалат влијанието на индустриите како што се производство на палмино масло, сеча на дрвја и сточарство, но исто така и дека можат да помогнат во идентификувањето на жариштата и да се обезбеди здравствена заштита на луѓето во најголем ризик.
За да се спроведе оваа стратегија, би било потребно да се издвојат помеѓу 40 и 58 милијарди долари годишно, проценуваат авторите на студијата и додаваат дека со тоа ќе се компензираат економските загуби од пандемиите изразени во трилиони.
Студија покажува дека пандемијата во САД досега чини 16 трилиони долари.
Триесет земји ветија дека ќе ја поддржат кампањата за природата, чија цел е да се заштитат 30 проценти од копно и море до 2030 година. Сепак, водачот на оваа кампања, Брајан О’Донел, тврди дека треба да се преземат одредени чекори пред овие ветувања да станат реалност.
Овие земји ќе се состанат во мај 2021 година за Конвенцијата на ООН за биолошка разновидност, кога ќе имаат можност да формулираат стратегии кои ќе придонесат за постигнување на оваа цел на кампањата.
Хана се надева дека новиот извештај на научниците може да поттикне промени, ако не за заштита на природата и загрозени видови диви животни, тогаш за заштита на здравјето на луѓето.
“Постои себична причина да се направи тоа, а тоа е да се заштитиме“, истакнува Хана.
По тврдењата на овие научници следат резултатите од студијата објавена во декември, а која покажува дека масата материјал што ја градел човекот сега е приближно иста со масата на сите живи суштества на планетата. Масата на живиот свет е сè уште околу 1,1 трилиони тони и не е многу променета во текот на последните неколку години, но затоа антропогената маса, односно масата на вештачки создадени материјали, расте експоненцијално.
Студија објавена во списанието „Nature“ покажува дека антропогената маса сега е близу до биолошката и дека може да ја надмине до крајот на годината. Ова откритие го поддржува тврдењето дека Земјата влегла во Антропоцен, предложена геолошка епоха во која луѓето ја претставуваат главната сила што ја обликува планетата.
Оваа транзиција е нешто што не се случува еднаш во животот, туку еднаш во ера, забележуваат научниците. И, ако овој увид е значаен повеќе во симболична отколку во научна смисла, материјалниот ефект на човечката активност и нејзиниот обем објаснуваат како успеавме да ги трансформираме глобалните циклуси на хранливи материи, да ја смениме климата и да доведеме многу видови кон истребување.
Сепак, годината зад нас донесе трошка надеж за живиот свет околу нас. Појавата на коронавирус го насочи вниманието кон глобалната трговија со диви животни. Голем број диви животни беа спасени во операцијата на Интерпол и Светската царинска организација спроведена помеѓу септември и октомври.
Покрај тоа, поради мерките за карантин и отсуството на човечко влијание, природата започна да се обновува, барем за кратко време и во мала мера. Ова исто така им овозможи на научниците да спроведат истражување и да пристапат до податоци што е потешко да се добијат во нормални околности.
Конечно, пандемијата влијаеше на секој од нас, а невидено искуство во нашите животи може да ги промени нашите ставови за светот во кој живееме и начинот на кој го третираме, во еколошка и во секоја друга смисла.