Канадското студио Thomas Balaban Architect креира куќа која изобилува со богата просторна комплексност, скриена зад фасадата што е карактеристична за работната класа.
Главниот предизвик во проектирањето на овие 300 м2, лоцирани во Монтреал, Канада, е внесувањето на природна дневна светлина во внатрешноста. Предводен од оваа идеја, архитектот создава атриумски простор во централниот дел на куќата, со цел да обезбеди светлина и во нејзините најниски делови. Секоја просторија има пристап до дворот што се создава со овој атриум. Дизајнот на дворот дава приоритет на користењето пасивна соларна енергија поради неговата транспарентност и отвореност со која овозможува длабоко навлегување на природна светлина и истовремено овозможува природна вентилација.
Се напушта традиционалното проектирање на куќата и се врши ротација на спалните простории со дневниот престој, којшто се наоѓа на најгорниот кат, со што се максимизира дневната светлина онаму каде што е најпотребна.
Фасадата на објектот се карактеризира со воздржаност во дизајнот, таа е светла и монохроматска, обидувајќи се да се задржи, пред сè, на компакноста на формата. Со цел задржување на единственоста на формата, се користи истиот алуминиумски материјал за покривање на фасадата и кровот.
Во контраст со просторната комплексност создадена од атриумот, ентериерот на куќата е едноставен, униформиран, стратегиски артикулиран со благо акцентирање на вертикалните комуникации. Доминираат бело варосаните ѕидови, дрвениот мебел и бетонскиот под.