Забелешки испишани на околу 200 страници од стрaна на УНЕСКО од денес треба да стигнат на адреса на Општина Охрид.
Отстранување на дивопоставените објекти на брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, заштита на старата градска архитектура, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град, се само дел од забелешките во најновиот Извештај на УНЕСКО.
Во забелешките УНЕСКО бара да се ограничи и издавањето на дозволи за градба согласно Планот за управување со регионот, а во Стар Град не може да се поставуваат тенди, настрешници и останати реквизити со кои се нарушуваат визурите околу објектите од културно историското наследство, конкретно посочувајќи ги тендите на летните тераси околу црквата Света Софија.
УНЕСКО бара и реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“ бидејќи оценката е дека се прекинале природните врски меѓу езерото и блатото со што бил загрозен живиот свет.
Извештајот за состојбата со заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот Регион е доставен до институциите во земјава, а Општина Охрид се очекува да го добие од денес. За општинските власти проблемот е сложен, а за повеќето забелешки потребeн е долг период за да бидат отстранети.
Според еколозите, сѐ поизвесно е дека Охрид ќе се најде на листата на заштитено подрачје во опасност што пак од друга страна би значело користење на стручна помош, искуства и механизми на УНЕСКО.