Економската комисија на Обединетите нации за Европа – UNECE и Високите претставници на ОН за климатски промени, објавија повик за зелени енергетски проекти. Избраните предлози ќе бидат претставени на претстојниот Европски регионален финансиски форум во Германија и конференцијата COP29 во Баку во Азербејџан. Оваа иницијатива има за цел да ги истакне иновативните проекти и да отвори пристап кон изворите на финансирање. Пријавите се примаат до 10-ти септември.
Споменатиот форум ќе ги истражи инвестициските можности во областа на чиста енергија, енергетска ефикасност, проекти за претворање на отпадот во енергија, декарбонизација на индустриката и одржлив сообраќај. Ќе има дебати и за улогата на критичните суровини како што се литиумот, бакарот, никелот и ретките елементи во овозможување на преминот кон нискојаглеродни решенија и чиста енергија. Меѓу проектите избрани за минатогодишниот COP28, четири добиле делумно финансирање, во просек по околу 55%.