Насловна / Вести / УНДП: Превенција за спасување животи и имоти при природни непогоди

УНДП: Превенција за спасување животи и имоти при природни непогоди

poplava-stajkovci

Превенцијата е клучна за спасување човечки животи и живеалишта при природни непогоди, порачува Канцеларијата на УНДП во Скопје, по повод Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи.

Како што е наведено во регионалниот извештај на УНДП „Градење на отпорност на ризик во Западен Балкан“, превенцијата со инвестирање во инфраструктура од заштитен карактер, како и попаметни практики, можат да ги спасат  животите и имотот при природни непогоди.

Според Канцеларијата на УНДП во Македонија, високата бројка на жртви во поплавите во Скопје на 6 август годинава го потенцирала значењето на концептот „Преживеј за да раскажеш“, кој е тема на овогодишниот Меѓународен ден за намалување на ризиците од катастрофи.

Macedonia Floods

– Овој слоган ја нагласува важноста за јавната свест и подготвеност, која заедно со инфраструктурата од заштитен карактер, како на пример одводните канали во случај на бура, како клучни компоненти во сите напори за намалување на ризиците од катастрофа. Знаејќи што да се направи (и што да не се прави) во случај на екстремни временски услови, може да ја направат разликата меѓу опстанокот и трагедијата. Свесноста и подготвеноста ќе стануваат уште позначајни бидејќи климатските промени ги прават катастрофите се помалку предвидливи, се вели во соопштението.

Силните поплави што го погодија Скопје во август годинава и Тетово во август минатата година, како и поплавите предизвикани од излевањето на реките во Пелагонија во февруари минатата година,  укажува УНДП, се дел од поширока состојба која го прави Западниот Балкан еден од регионите во светот кои се најподложни на природни катастрофи.

poplavi-pelagonija

УНДП информира дека моментно гради и врши реконструкција на инфраструктурата за спречување поплави во сливот на реката Струмица, со помош на средства од швајцарската Агенција за развој и соработка. Со поддршка на Министерството за локална самоуправа, пак УНДП врши поправка и проверка на браните на реката Пена со цел да се заштити Тетово од поплави, со мерки што треба да се преземат во иднина во Полошкиот регион. УНДП укажува и дека спроведува Програма на ЕУ за санација на штетите од поплавите, вредна 10 милиони евра за оштетената инфраструктура во поплавите во февруари минатата година. Во тие напори се вклучени низа регионални и локални патишта и мостови, системи за одводнување, регулирање на речните корита и брани во 15 општини.

poplavi-stajkovci

Од Проценката на потребите по настанување на природни несреќи и катастрофи, што УНДП ја спроведува заедно со ЕУ и Светска банка, за да се направи проценка на влијанието на поплавите во Скопје, се очекува да се идентификуваат идните ургентни приоритети со цел спречување на поплавите и да се обезбеди рамка за поддршка на донаторите.

poplava1

Ургентната Проценка на потребите по настанувањето на природни несреќи и катастрофи, како што соопштува УНДП, ќе вклучува проширување на системот за одводни канали во случај на бура, изградба на брани за контролирање на поројните дождови, спречување несоодветна употреба на одводните канали како импровизирани депонии, како и забрана за градење живеалишта во места со висок ризик од поплави и создавање системи за рано предупредување кои ќе можат да го вклучат алармот веднаш штом ќе се појави закана од поплави.

Според податоците од Извештајот на УНДП, во катастрофите во Западен Балкан, само во последните две години, е погодено 15 пати повеќе население, и се предизвикани 30 пати поголеми економски штети споредено со цел период од 2000 до 2013 година. Најголеми штети нанеле поплавите во Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија во 2014 година.

 

Испрати коментар

Scroll To Top