Видеа, цртежи и постдигитални графики од македонскиот ликовен уметник Зоран Попоски ќе бидат прикажани на мeѓународната изложба „Превод(и) 1-3” во галеријата Осаж во Хонг Конг, Кина, во периодот 11-20 мај 2018.
На изложбата ќе бидат претставени повеќе од 30 дела од тринаесет меѓународни уметници од САД, Британија, Австралија, како и од Порторико, Венецуела, Кина, итн. Изложбата опфаќа низа медиуми од современата уметничка продукција, од видеоарт преку нови медиуми, до сликарство, цртеж, перформанс, графика, итн.
Изложбата „Превод(и) 1-3” е заеднички кураторски проект на македонскиот уметник Зоран Попоски и на британскиот уметник Лоренс Вуд. Изложбата ги истражува механизмите на преведувањето како клучна стратегија на глобално преговарање и размена помеѓу агенти од различните култури.
Галеријата Осаж е една од најголемите галерии во Азија, позната по својата бескомпромисна поддршка на критичката современа уметност. Галеријата има седиште во Хонг Конг и локации во Пекинг и Шангај.
Минатата година кинеската публика можеше да ги види делата на Попоски и во големата меѓународна изложба во Уметничкиот Музеј во Шиан, еден од најголемите музеи во Кина посветен на современата уметност кој годишно привлекува 800 000 посетители.
Зоран Попоски има реализирано повеќе од 70 меѓународни изложби и е добитник на неколку светски награди и признанија за уметност. Негови јавни уметнички проекти се презентирани во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, итн. Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Линц и Њујорк, а докторирал студии на културата во Скопје.