Меѓу многуте ксенофобични и/или шовинистички изјави на Доналд Трамп за време на изборната кампања, беше и најавата за изградба на ѕид во граничната област меѓу САД и Мексико, со цел да се спречи илегалното минување на мигрантите.
Мексиканското студио Estudio 3.14, поттикнато од таквите изјави на Трамп, претстави проект на розов ѕид кој би ја „чувал“ американската граница. Ѕидот би бил долг повеќе од три километри, а розовата боја е избрана во чест на познатиот мексикански архитект Luis Ramiro Barragán.
Исто така, авторите саркастично истакнуваат дека за мексиканската архитектура е карактеристична мегаломанската изградба, па затоа и розовиот ѕид совршено се вклопува во тој концепт.
Достапните визуелни материјали претставуваат ридови, река, пустина и соседниот град Тихуана, како и затвор внатре во ѕидот, во којшто би биле сместени сите оние што се обидувале да ја преминат границата.
Покрај тоа, во овие визуелни претстави е вклопен и предлог на шопинг центар, кој би се наоѓал од американската страна, и би служел како видиковец за американските граѓани кои би сакале да погледнат преку границата.