И покрај тоа што машините за пишување реално се работа на минатото, еден уметник од Британија им нашол специфична намена. Студентот по архитектура Џејмс Кук, всушност создава прекрасни слики користејќи токму стари машини за пишување. За неговата работа се интересираат сé повеќе луѓе. На сликите се прикажани згради, животни, пејсажи, мртва природа, па и портрети. Студентот вели дека идејата за ваков вид на уметност ја добил уште пред пет години. Имено, тогаш прочитал текст за човек кој поради церебрална парализа не можел во рака да држи ниту молив ниту четка за сликање, па затоа за цртање користел машина за пишување. Потоа, Џејмс Кук решил да ја купи својата прва машина за пишување. Денес ги има дури 29. Искрено вели дека му било потребно многу време за совладување на техниката на сликање со машина за пишување, но сега може да се нарече вистински мајстор. За покомплицираните слики вели дека му се потребни и по 30 часа.