Уметничката галерија во Онтарио е основана во 1900 година под името Арт Музеј Торонто. Во 1919 година го менува името во Арт галерија Торонто за подоцна, во 1966 година, да го добие името што сега е во употреба – Арт галерија во Онтарио.
Во 2008 година, Галеријата го доби својот најголем публицитет по отворањето на реновираниот уметнички центар, проектиран од светски познатиот архитект Френк Гери. Обновувањето на комплексот вклучува реновирање на стариот објект како и изградба на нов дополнителен објект од 9016 м2 галериски простор.
Неколку предизвици се издвојуваат како главни во проектирањето и изведбата на објектот. Како прво, мора да се напомене потребата да се унифицира и подобри постоечкиот објект, кој веќе неколкупати е реновиран, во 1918 г., 1929 г. и во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиоит век. Проектантскиот тим дизајнираше исклучителни конструктивни елементи од дрво, кои истовремено ја зголемуваат и естетската вредност на објектот.
И како еден од најголемите предизвици, е тоа што објектот за време на својата реконструкција треба да остане функционален или секојдневните активности во галеријата да продолжат за одреден период.
Лепени ламелирани носачи се употребени во три главни делови на објектот, фасадата кај главниот влез на галеријата, нова дрвена конструкција која се издига над познатиот Walker Court, просторија која го претставува срцето на целиот музеј, и јужниот ѕид односно јужната фасада. Фасадата на главниот влез, што е воедно и најкомплексната дрвена структура во објектот, се протега во должина од 200 метри и се состои од 1800 дрвени носачи и сите се различни меѓусебе.
Галерија Италија се наоѓа во затворениот дел на оваа фасада која е составена од два слоја. Внатрешниот слој се состои од 47 закривени носачи. Над главниот влез на галеријата тие се вертикални, додека источно и западно од вертикалните елементи се менува аголот на искривување и лакот на секој елемент. Ова резултира со различна димензија, различен агол и различен радиус на лак кај секој елемент.
Конструктивно, овие носачи ја вршат функцијата на потпора за вториот слој од фасадата, кој е надворешен и е составен од дрвени носачи, метални профили и стаклена завеса. Заради различниот коефициент на ширење на дрвото и металот, проектирани се движечки лежишта кои овозможуваат флексибилна врска која дозволува слободно движење на материјалите за време на промена на температурата за да не се оштети стаклената завеса.
Еден од архитектонските проблеми поставени пред архитектите беше барањето за максимална транспарентност на новата фасада. Овој проблем резултираше со потреба да се намалат димензиите на носачите во попречен пресек, но сепак да бидат доволно големи конструктивно да ги издржат сите притисоци и товари. Сите носачи меѓусебно се поврзани со метални конектори. Вкупно за фасадата се направени 2500 метални конектори кои заради различните агли и димензии на секој носач и самите метални конектори се различни. Секој метален конектор има уникатна геометриска форма за да се вклопи во своето лежиште и правилно да ја извршува својата функција.
Дизајнот на конекторите и на дрвените носачи дополнително се усложнува со следењето на архитектонскиот дизајн, каде тие треба да бидат скриени, односно да не се гледаат од посетителите. Сепак, проектантите се соочиле со фактот дека не е возможно сите конектори да бидат скриени, а тоа се забележува на хоризонталните греди кои не дозволуваат извртување на главните носачи. Сите овие комплицирани елементи и детали со кои се соочиле дизајнерите при конструктивното решение на Галерија Италија, ја прави едно од најкомплексните структури од дрво на северноамериканскиот континент.
Заради комплексноста на конструктивните елементи од дрво, од пресудно значење за успешната изведба на објектот било употребата на 3Д софтвер за моделирање (Building Information Modeling – BMI). На овој начин се визуелизирани, анализирани и проектирани сите комплексни форми на фасадата и спиралните скали за на крај да можат беспрекорно да се вклопат во текот на градбата. Овие модели подоцна биле искористени за изработка на работилнички детални цртежи, додека некои од податоците се искористени за директно внесување во ЦНЦ опремата за обработка на дрвените елементи.
Како надоврзување на импресивните конструктивни елементи од дрво, новиот објект на Галеријата е збогатен со дрвени површини на повеќе места во ентериерот. Скали, ѕидни облоги, мебел и многу други елементи се направени од фурнирани медијапан плочи или фурнирани плочи премачкани со високосјаен завршен лак.
Завршниот декоративен фурнир е од видот дуглазија кој природно расте во околината. Подот, пак, во новиот објект е направен од дабови елементи кои се залепени директно на бетонската подлога со специјално лепило.