Украинскиот архитект Иван Јурима, го дизајнираше овој модерен ентериер во Киев на површина од 200 м2.
Ентериерот е базиран на минимализам, едноставни линии и складност на боите и текстурите. Доминантна боја во ентериерот е белата, а со употреба на темни тонови на некои ѕидови и детали ја разбива монотонијата и го прави станот потопол.
Во големата дневна соба доминира ѕидот со каминот како и мошне интересното линиско осветлување кое, поради својата положба, создава ефект на издолженост на просторот.
Станот е уреден по принцип на отворен простор. Така се избегнати непотребни коридори и ходници.
Во 200 квадаратни метри се сместени шест соби, три бањи и дневна соба со кујна и трпезарија.
Кујната е до дневната соба. Таа е уредена со кујнски остров и интересен тавански аспиратор. Доминацијата на белата боја е разбиена со нагласени делови изработени во дрво и црно стакло.
Во трпезаријата се искористени познатите столици Tulip.(Лале)
Спалната соба не е оптoварена со непотребен мебел, дури е избегнат и телевизор. Креветот е конзолно прикачен за ѕидот. Спалната има директен пристап во родителската бања.
И ѕидот на бањата е решен необично со извлечени коцки кои се осветлени со скриени LED светилки.
Под некои од коцките се кријат орманчиња кои се отвораат со механизам на допир.