На овогодинешната средба по повод доделувањето награди за најуспешни проекти кои се резиме на работата на студентите од Архитектонски факултет преку зимскиот семестар, во процесот на квалитативното вреднување на предложените студентски проекти изложени на ИАС 13, од страна на комисијата покрај редовно доделените признанија и награди за најдобрите од сите студија, за прв пат беше доделена и награда во чест на професорот Гоце Аџи-Митревски. Наградата „ГОЦЕ АЏИ-МИТРЕВСКИ“, не само што го носи името на долгогодишниот професор на нашиот Архитектонски факултет, истата воедно има за цел да го носи и незаборавот на препознатливиот запис на Аџи-Митревски – АРХИТЕКТОНСКИОТ ЦРТЕЖ. Го имам задоволството да ја примам оваа награда, која ми беше доделена за мојата работа на Интегративното студио 1 – „Куќа на ул. Васил Главинов бр. 7А“, поточно како признание за успешно изработен проект преку употребата на цртеж, скици и дијаграми.
На почетокот на моето студентско патешествие имав чест да го запознаам и да сум дел од наставата на која присуствуваше професорот Аџи-Митрески. Неговата работа и пожртвуваност ми оставија силен и длабок впечаток. Денес, и покрај неговото отсуство, но преку неговиот траен отпечаток – цртежот – сѐ уште учам за бескрајно големиот дијапазон на сензибилитет кој може да го поседува една линија излеана од мастилото на архитектот. Вредноста која е сокриена во опусот на скици од Гоце Аџи-Митревски, почнав да ја восприемам во подоцнежните години од работата на Факултетот, кога и сама сфатив колку е витална улогата на цртањето во процесот на архитектонското проектирање.
Во крајниот резултат од работата се проткајува експерименталната нота во однос на развојот на проектот преку решавање на просторот по пат на цртање. Од почеток просторот беше проектиран од внатре кон надвор, преку визуелизација на атмосфери кои би ги вдомиле различните поединечни барања за висок, осветлен, широк простор… Атмосферите најпрво беа разработени на ниво на скица во централна перспектива која постепено преку слободорачно преобмислување се трансформира во пресек за да на крај амбиентот се претопи во волуменска единица исцртана во навидум обичен бележник. Овој бележник е своевиден сведок на заплетканата траeкторија која води до крајната точка на проектот, изодена со лесни и брзи скици. Внатре во него грижливо и навидум скржаво ги чувам сите белешки на кои во скица се фатени моите мисли со кои трагав по просторноста на тогаш недооформената куќа на ул. „Васил Главинов“ бр. 7А.
Барањата од страна на студиото беа јасно конкретизирани во однос на корисниците и истите нудеа простор за инвентивно разрешување токму преку недотраената алатка на слободорачниот цртеж. Куќата е лоцирана во рамки на пукнатина во урбаната мембрана на периметрално изграден блок во самата срж на град Скопје. До локацијата како жила се упатува булеварот „Партизански одреди“ и истиот завршува на границата на блокот. Па така, уште на самиот почеток се наметна темата на урбана вертикала, која би дала завршеток на оваа булеварска аксијала.
Меѓутоа овој проект кој е одговор на барањето да се даде обележје, не претставува само тема на формалниот израз на урбаниот акцент, туку и барање на идеја истиот да прерасне во обележје – прототип на нов начин на домување. Начинот на функционирање на објектот во рамки на секојдневието е разработен преку поширока анализа на осум семејства сместени во оваа куќа. Тие се реални личности, но и ликови преземени од филмови, книги и сл. со што за истите дијаграмски беа документирани кои простори им се потребни. Па така објектот е населен со неколку нетипични заедници, прикажани како сценарија:
Сценарио 1 – три студенти (Билјана, Горан, Марија)
Сценарио 2 – петочлено домаќинство, мајка, татко и три ќерки (семејство Сапаловски)
Сценарио 3 – пензиониран професор кој живее сам, а неговата внука повремено го посетува (проф. Георги Константиновски)
Сценарио 4 – самохрана мајка со ќерка (Вилане и Анук од филмот Chocolate (1999))
Сценарио 5 – уметник кој престојува и работи во своето студио (Марина Абрамовиќ)
Сценарио 6 – вдовица со простор за издавање (Марта Хадсон – серијалот Sherlock)
Сценарио 7 – двајца пријатели (Шерлок Холмс и Ватсон – серијалот Sherlock)
Сценарио 8 – слеп станар со негувател кој повремено престојува (Френи и Чарли – филмот Scent of a Woman (1992))
За социјално-атрактивна содржина наместо клaсичното определување за стриктно заеднички простории за сите станари, во овој проект стана збор за споделени содржини помеѓу неколкуте семејства. Со тоа може да се каже дека се навлегува во темата на колаборативно домување. Колаборативното домување подразбира да се живее заедно на сопствен начин, преку компромисно споделување на дел од содржините. Па така, осумте семејства кои се сместени во оваа куќа, се преплетени меѓу себе со користењето на секојдневните простории, класифицирани на: автономни јавни содржини, автономни приватни содржини, споделени јавни содржини, споделени приватни содржини. Во сите сценарија спалните соби и дневниот престој претставуваат автономна содржина, а споделените содржини се просторите за исхрана, просторот за игра, дворот, простор за перформанс и работа и сл. со што уште во првичната фаза се дефинира дијаграм на употреба на просторот кој се задржа до самиот крај.
Самохраната мајка (С.4) ја споделува слаткарницата (СЈ) со семејството Сапаловски (С.2), кое ја користи за трпезарија во текот на викендот, кога мајката готви ручек за сите станари. Истото семејство има двор (СП) кој го одржува таткото и го споделува со пензионираниот професор Константиновски (С.3), додека пак тој, собата за престој на неговата внука Јана (СП) ја дели со вдовицата Марта (С.6), која престојува во објектот и им издава простор за домување на детективот Шерлок и доктор Вотсон (С.7), но истовремено со нив користи заеднички простор за исхрана (СП). Дополнително Марта е косопственик на спалната соба (СП) за краток престој на негувателот кој се грижи за слепиот станар Френк (С.8), кој пак својата кујна и трпезарија (СП) ја дели со тројцата студенти по архитектура (С.1), со што тие воедно и водат грижа за овој сосед. Бидејќи студентите имаат потреба од поголем простор за работа и презентација на своите модели, но немаат можност финансиски сами да го изнајмат тој простор, тие со Марина Абрамовиќ (С.5) во договор го користат просторот за изложба и перформанс (СЈ). Иако на Марина не ѝ пречи тоа што живее сама, сепак таа повремено има потреба од социјализација, што оди во прилог на олеснување на обврските на самохраната мајка Вилане преку дружењето со Анук во делот предвиден за игра (СЈ), кој исто така може да биде користен и од останатите деца во блокот. Редоследот на употребата на споделените простори нѐ враќа назад на самохраната мајка, со што станува јасно дека целата зграда програмски е врзана во круг.
Со цел да се одговори соодветно на оваа динамична програмска структура, проектантскиот одговор бара поинаков начин на разрешување на просторните капацитети. За почеток објектот е структуриран во вид на „скеле“, отворена структура која може да се исполнува со различни простори. Основата функционално е поделена на неколку појаси: зони за санитарии во бочните делови и зони за соби во централниот дел, каде по потреба се јавуваат стрмни скали за индивидуална употреба од страна на семејствата. Токму вметнувањето на средишен модул за соби ја држи структурата порозна поради неопходното обезбедување на светлина преку наизменично јавување на атриуми во рамки на скелето. А со давањето на поголем процент од површината на основата за комуникации се добиваа платоа кои иницира меѓусоседски интеракции преку користење на истите за повеќенаменска употреба – како простор за пиење кафе, простирање алишта, сончање и сл.
Со повторливоста и флексибилноста на основа, која проектантски е организирана со два типа просторни модули (Модул сервис – 3X1.2 m и Модул соба – 3Х3 m), и со нејзино разрешување преку преградни подвижни ѕидови е обезбеден целиот образец на објектот. Подвижните ѕидови се во функција на преградување на делот од хоризонталните комуникации за интимно користење на пакетот модул соба со модул санитарии, како и за целосно затворање на автономните содржини на едно семејство за индивидуално користење во вид на едносемејна куќа.
Па така, во еден момент основата на кое било ниво може да биде целосно проточна за споделените и автономни содржини помеѓу различни сценарија, а во друг момент да биде раздвоена на неколку соби и пакети за приватна употреба.
Куќата се доживува како проток на активности низ скеле во константна трансформација, кое наликува на самиот образец на незавршениот блок. Дополнително проектот иницира нов начин на домување во густо населените градови, во кои цената за изнајмување на просторот е висока. Па самата структура на објектот дозволува лесно споделување на истите соби од страна на повеќе семејства, при што проточноста на функциите не е попречена ниту во момент кога интимната содржина се отцепува од колективната употреба на просторот.
Иако објектот е со минимална површина, истиот претставува детално разрешена структура која функционира на неконвенционален начин. Целата комплексност на решението бара посветеност на цртежот со цел да се долови атмосферата во објектот. Во процесот на работа цртежот претставуваше континуиран запис за различните фази на проектот, кој премина од слободорачен во дигитален.
Трансформацијата е резултат на дијалогот помеѓу неизлитениот цртеж повлечен со слободна рака и новиот начин на работа, кој се потпира на современата компјутерска технологија. Покрај својата спротивставеност, сепак аналогниот и дигиталниот запис потребно е да се алатки во рацете на архитектот со кои тој би ја креирал новата реалност.
Архитектонскиот цртеж никогаш не е само скица, тоа е идеја за простор кој егзистира во повеќе од само три димензии.
Автор: Марија ПЕТРОВА, студент на Архитектонски факултет