Познатиот архитект Јан Гел одржа две предавања во Скопје, односно ја запозна овдешната стручна јавност за своите архитектноски и урбанистички искуства и воедно да ја претстави својата најнова книга „Градови за луѓе“, која наскоро треба да се појави и на македонски јазик.
Кај нас одржа две предавања на иста тема, најнапред пред студентите на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, а потоа во хотелот „Холидеј Ин“ за архитектите и стручната јавност.
На своите предавања пред присутните, тој зборуваше за квалитетот на градовите што ги имаме, за решавањето на кризата во поглед на животната средина и здравствената криза со која се соочуваме.
Со повеќе од половината од светската популација која денес живее во урбаните подрачја, Гел истакна дека луѓето низ целиот свет би требало да ги запознае лекциите што тој ги нуди во книгата „Градови за луѓе“.
Авторот на своите предавања ни прикажа некои од примерите на светските градови кои успешно напредувале последниве децении и поставиле предизвици за иднината. Тој ни ја претстави својата работа што ја постигнал работејќи ширум светот, со напоредни прикази за тоа како пешаците ги користат јавните простори и за неговите способности како им помогнал на некои од градовите пренатрупани со сообраќај, да ги претворат своите улици во рај за човекот.
Меѓу двете предавања, гостинот имаше состанок во Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, каде што со претседателот на Комората, професор Миле Саздов, потпишаа договор за преведување на неговата книга „Градови за луѓе“ на македонски јазик. Оваа книга е издадена на 34 светски јазици.
Домаќин и модератор на гостувањето на професорот Јан Гел беше архитектот Даница Павловска Циги.
Јан Гел (Jan Gehl) e архитект и поранешен професор на Данската кралска академија на убави уметности. Еден е од партнерите и оснивач на фирмата Gehl Architects – Urban Quality Consultants и автор на книгите „Живот меѓу згради“ (Life between Buildings), „Нови градски простори“ (New City Spaces), „Јавни простори – јавен живот“ (Public Spaces – Public Life) и „Нов градски живот“ (New City Life). Тој работел на урбанистички проекти за подобрување на градскиот простор во Копенхаген, Стокхолм, Ротердам, Лондон, Аман, Мускат, Мелбурн, Сиднеј, Сан Франциско, Сиетл и Њујорк.
Почесен член е на Кралскиот институт на британските архитекти (RIBA), Американскиот институт за архитектура (AIA), Канадскиот кралски институт за архитектура (RAIC) и Институтот за архитектура во Преторији (PIA).
ТЕКСТ И ФОТО: Ангел Ситновски, дипл.инж.арх.