Оваа година „Златарската улица“ (Goldsmith Street) во Норич (Norwich) на Микали Ричес (Mikhail Riches) со Кати Хоули (Cathy Hawley) ги „позлати“ напорите на учесниците во проектот и им ја донесе не само престижната Стирлингова награда на Кралскиот институт на британските архитекти (RIBA Stirling Prize) туку и иногуралната Награда Нив Браун за домување (Neave Brown Award for Housing) именувана во чест на еден од пионерите на социјалното домување во Велика Британија и добитник на Златниот медал на Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Gold Medal) во 2017 година, Нив Броун (Neave Brown, 1929-2018).
Овој проект беше еден од шесте селектирани реализации за престижната Стерлингова награда за архитектура на Кралскиот институт на британската архитектура. Другите пет селектирани објекти се:
1. Корк хаус (Cork House) на Матју Барнет Хауланд (Matthew Barnett Howland) со Дидо Милне (Dido Milne) и Олиер Вилтон (Oliver Wilton), мал експериментален индивидуален објект изработен од плута лоциран во рамките на градината на Заштитен објект на културно наследство од втора категорија;
2. Станицата Лондон Бриџ (London Bridge Station) во Лондон на Гримшо (Grimshaw);
3. Макалан дистилери и визитор експириенс (The Macallan Destillery and Visitor Experience) на Роџерс Стирк Харбоур и Партнерс (Rogers Stirk Harbour + Partners) во Мореј (Moray), Шкотска, дестилерија за алкохолни пијалаци со центар за посетители;
4. Невил Холт Опера (Nevill Holt Opera) во рамките на истоимениот благороднички имот на Витерфорд Ватсон Ман Архитектс (Witherford Watson Mann Architects) и
5. Вестон, Јоркшајар скалпчер парк (The Weston, Yorkshire Sculpture Park), парк на скулптури од Филден Фоулес Архитектс (Feiiden Fowles Architects).
Наградената Улица Голдсмит е станбен комплекс во Норич, Источна Англија, изработен за потребите на Советот на градот Норич (Norwich City Council) со 105 економски достапни високоенергетски ефикасни станбени единици со вкупна корисна површина од 8.056 м. Комплексот се состои од 45 куќи и 60 стана реализирани во две фази според германскиот Пасив Хаус (PassivHaus) стандард. Во рамките на комплексот куќите се на две нивоа, додека становите се сместени во објекти на три нивоа при што секој стан има сопствен влез, балкон и претсобје доволно големо за да се смести велосипед или детска количка. Архитектите ја добиле работата пред околу 12 години и во изминатиот период континуирано работеле на подобрување на проектот за да се зголеми не само одржливоста на поединечните објектите туку и да се создаде високоодржлива заедница.
Урбанистичкото решение се базирало на традиционалниот британски пристап преку улици со куќи во низа. Како резултат на ова седум низи на куќи биле распоредени по должината на четири улици, при што должината на низите варира од улица до улица. Според околу еден век старите урбанистички правила вообичаено растојанието помеѓу челните фасади на спротивните објекти треба да биде помеѓу 21 и 23 метри.
Во овој случај преку иновативен пристап архитектите успеале да добијат урбанистичка согласност растојанието помеѓу објектите да се намали на само 14 метри. Ова било постигнато преку воведување на асиметрично поставен кров под агол од 15 степени коешто овозможило објектите на спротивната страна на улицата да се стекнат со целосна изложеност на сончевите зраци во текот на зимата, додека металните брисолеи над прозорските отвори овозможуваат да се заштити внатрешноста на објектот од прекумерно загревање во текот на летните месеци. Дополнително за да се задоволат урбанистичките правила за меѓусебната оддалеченост на челните фасади на објектот коишто покрај инсолацијата се однесуваат и на очувување на приватноста, наложило особено внимание да биде посветено на местоположбата на прозорците на спротивните објекти за да се избегне директниот поглед од внатрешноста на еден до внатрешноста на друг објект. Ова резултирало во многу густо изграден комплекс, но којшто не создава чувство на опресивност.
За Бен Дербишајар (Ben Derbyshire) претходниот претседател на Кралскиот институт на британските архитекти и претседавач на жирито за Наградата Нив Браун за домување: „Улицата Голдсмит е пример за социјално домување. Над 10 години во развој, архитектите, работејќи со Советот на градот, искажале импресивна чувствителност и исклучителна смелост во секоја етапа на процесот. Резултатот не е само високопосакувано ново соседство за Норич, туку и домови од највисок квалитет и според најегзактни еколошки стандарди. Така резултатот изгледа дека е толку природно вклопен во својот контекст да изискува вештини и детерминираност коишто се контрадикторни со привидната едноставност на проектот“.
Во овој комплекс традиционалниот урбанистички пристап на улици со куќи во низа е проткаен со исклучително современ концепт на најдобрата европска станбена архитектура. Фасадите на објектот се од тула во комбинација со површини изработени од тула со текстура со цел да се избалансираат фасадите на објектите во низата. Завршната кровна обработка е од глазирани брановидни ќерамиди во црна боја коишто се појавуваат и како вертикални завршници на фасадата, третото ниво на крајните трикатни објекти. Во овие трикатни објекти коишто главно се појавуваат на почетокот и крајот на низата сместени се становите, а помеѓу нив куќите.
Покрај профилирањето на крововите за да се искористат придобивките на пасивната соларна архитектура, воведувањето на брисолеи над прозорците за да се заштитат внатрешните простории од прекумерното загревање во летните месеци, имплементацијата на Пасив Хаус концептот наложила примена на помали прозорци за подобро да се контролираат термичките загуби од објектот. Како компензација на потребата од помали прозорци, истите се поставени во рамките на вовлечени фасадни површини коишто ги отсликуваат пропорциите на прозорските отвори од џорџијанскиот и викторијанскиот период.
Квалитетот на изградбата е исклучително висок, како и нивото на опременост коешто го надминува вообичаено очекуваното, базично, за социјалните станбени објекти. Секоја станбена единица има вграден систем за механичка вентилација кој вклучува изменувач на топлина и систем за дополнително загревање на воздухот којшто го обезбедува греењето во рамките на објектот. Невообичаено за социјални станбени единици во рамките на секоја вградена е инсталациона инфрастуктура која овозможува контролирано да се приклучуваат потребните надворешни инсталации без да се нарушува интегритетот на фасадната опшивка преку неконтролирано бушење на истата и перфорирање на парната брана која придонесува за значајните воздухонепропусни карактеристики на објектот.
Паркирањето на возилата периферно е поставено за улиците да имаат не само чувство на безбедност, туку и дека се под контрола на пешаците. Соодветно внимание е посветено на интеграцијата на кантите за смет, рециклирање и зеленило за секој поединечен објект коишто се лоцирани во рамките на предната градина на објектот. Тие на овој начин придонесуваат за создавање на тампон зона која ја поддржува определбата за транзиција од јавниот домен на тротоарот или пешачката патека преку преодната зона на предната градина до приватниот домен на самиот објект. Помеѓу двете централни низи на објекти задните градини на објектите пејзажно се уредени и излегуваат на меандрирачката пешачка патека помеѓу објектите на двете спротивни страни. Ваквиот пристап овозможува да се разбие предоминантно геометрискиот урбанистички пристап, како и да се создаде безбедна зона во којашто децата од соседството меѓусебно ќе можат да си играат.
Примената на Пасив Хаус концептот овозможила не само значително да се намали енергетската потрошувачка на индивидуалните единици туку и овој пристап да стане достапен во рамките на домувањето наменето за најширокиот можен круг на корисници. Се проценува дека годишните трошоци за енергија за по единица ќе бидат околу 70 % помали од просечните.
За претседавачот на овогодишното жири за Стерлинговата награда Џулиа Барфилд (Julia Brafield), „Улицата Голдсмит е современо ремек-дело. Тоа е висококвалитетна архитектура во својата најчиста, најеколошка и социјално свесна форма. Зад одмерените фасади со боја на крем се наоѓаат беспрекорно деталирани, високоодржливи домови – неверојатно достигнување за комплекс од оваа големина. Ова е соодветно социјално домување, кое се развивало повеќе од десет години, реализирано од страна на амбициозен и промислен совет. Овие посакувани, просторни, нискоенергетски објекти треба да бидат норма за сето социјално домување.“
Она што го прави комплексот на Улицата Голдсмит исклучителен и за пример е способноста да се донесе намалената потрошувачка на енергија до најшироко можните форми на домување, а коешто било постигнато преку големото ниво на напор и грижа од архитектите на проектот. Во рамките на Велика Британија има ургента потреба од поголема амбиција и креативност за да се поттикне потребната „револуција“ во доменот на домувањето, а комплексот на Улицата Голдсмит покажува како ова може да се постигне. Оттука веројатно Стирлинговата награда за 2019 година не можела да заврши во подобри раце отколку на проектот со којшто веројатно индиректно се оддава и признание на стогодишницата на Законот за домување од 1919 година (1919 Housing Act) со кој ефективно се воспоставил концептот на социјално домување во Велика Британија.