Австралиското студио Luigi Roselli Architects дизајнираше станбени единици во низа наречена Great Wall of WA, сместени под песочните дини.
Кривулестиот ѕид во должина од 230 метри е единствената фасада на дванаесетте станови кои се вкопани во земја.
Околната земја во која се сместени становите и ѕидот од набиена земја со дебелина од 45 сантиметри, обезбедуваат пријатна температура во внатрешноста, бидејќи во ова австралиско место владее суптропска клима.
Масивниот ѕид кој доминира со овој објект е изграден од локални материјали. Покрај челичната конструкција, користена е песочна глина карактеристична за оваа област, и чакал извлечен од локалните реки.
Овие сместувачки единици, како со нивниот дизајн така и со материјалите, претставуваат нов пристап во градењето објекти во северозападниот дел на Австралија.
Архитектите сакале да ги истакнат погодностите за градење што ги обезбедува оваа област, укажувајќи дека материјалите треба само да се прилагодат и да се искористат најдобрите од нив.