Заврши реновирањето на основното училиште „Круме Кепески“ во општина Кисела Вода. Училиштето доби нова фасадна – топлинска изолација и нов кров, а старите и дотраени прозори се заменети со нови. Со оваа обнова училиштето стана енергетски ефикасно.
Енергетската обнова на училиштето е проект на општина Кисела Вода, Цементарница УСЈЕ и УНДП за чија реализација се обезбедени 11.300.000 денари.
Градоначалничката на Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ истакна дека станува збор за училиште изградено 1961 година, во кое во моментов функционираат 26 паралелки со над 600 дечиња.
-Кога ја воочивме состојбата на објектот, дека е во незавидна состојба, проценивме дека под итно треба да превземеме мерки за негова реконструкција. Она што беше најкритично беше кровот, сеуште постоеја азбесните плочи кои беа поприлично оштетени и честопати се случуваше при поројни дождови училиштето да прокиснува и се чувствуваше влагата внатре, истакна Беличанец-Алексиќ.
Таа посочи дека проектот бил поделен во tri дела и тоа едниот дел бил реконструкција на кровот и негова изолација за кој бил задолжен УНДП. Промената на фасадата за постигнување на висока енергетска ефикасност ја извршило АД „Цементарница УСЈЕ“, а за останатиот дел се погрижи општина Кисела Вода.
Луиза Винтон, претставник од УНДП истакна дека енергетската обнова за ова училиште е одличен пример за тронасочна соработка помеѓу УНДП, општина Кисела Вода и приватниот сектор.
– За нас во програмата на УНДП ова е одличен пример за покажување на една тројна придобивка за одржлив развој. Успеавме да ги намалиме трошоците за да може општината да ги пренамени за други цели. Ја намаливме емисијата на стакленички гасови во придонес на климатските промени и обезбедивме подобри работни простории и училници за да може вработените и учениците да го поминуваат своето време, истакна Винтон.
Директорот Борис Хрисафов истакна дека ова не е прв заеднички проект со општината.
-Ги подобривме условите на децата, ги намаливме сметките на општината и се надеваме дека и во иднина заеднички ќе учествуваме во други проекти, истакна Хрисафов.