Државно училиште во Сиднеј е крунисано за светска зграда на годината, победувајќи ја конкуренцијата од високи облакодери, музеи и гoлеми транспортни центри во освојувањето на титулата.
Училиштето Дарлигтон ја освои главната награда на Светскиот архитектонски фестивал 2024 во Сингапур (WAF), триумфирајќи над повеќе од 220 учесници кои влегоа во потесниот круг.
На местото на новиот училишен објект долго време се наоѓало училиште изградено во 1970-тите, кое според архитектите од локалната фирма fjcstudio која го потпишала проектот, во последните години станало нефункционално.
Архитектите од Сиднеј истакнуваат дека нивниот нов проект „радикално го трансформирал“ училиштето, создавајќи „нов и современ образовен простор“, додека во исто време настојувал да го „зачува духот“ на оригиналниот кампус.
Капацитет за повеќе од 500 деца
Училишната зграда, отворена минатата есен, содржи и серија тераси на отворено кои овозможуваат природна светлина да влезе во внатрешноста, а во исто време ја штитат и приватноста на учениците.
Отворениот простор на училиштето вклучува и големо кошаркарско игралиште и заедничка градина, додека новиот кампус содржи градинки за постари и помлади деца од предучилишна возраст и основно училиште.
Објектот е проектиран со капацитет за повеќе од 500 деца, а поради двофазниот процес на градба, наставата можела да се одвива и за време на изградбата.
Како што наведуваат архитектите, Државното училиште Дарлингтон (Darlington Public School) е тесно поврзано со Абориџините, па преку дизајнот е зачувано културното наследство. Така, во училишниот хол, влезната зона и училниците може да се види уметноста на староседелците. Покрај тоа, муралите на Абориџините кои ги краселе ѕидовите на старото училиште се поставени како реплики на надворешните ѕидови на новото училиште.
„Со оглед на скромната големина на овој проект, како мала училишна зграда, победата над сите други големи проекти на WAF е доказ за посветеноста на клиентот и ангажманот на заедницата што помогна да се обликува проектот. Вистинските победници се децата кои ќе поминуваат време во оваа зграда, на место кое ќе ги збогатува со текот на многу години“, изјави за Си-Ен-Ен партнерот на fjcstudio, Алесандро Роси.
И минатата година победи образовен објект
Инаку, ова беше 17. издание на WAF, настан на кој се доделуваат награди во 18 категории, вклучувајќи спорт, транспорт, здравство и домување. Светската зграда на годината е избор меѓу победниците од секоја категорија, а ја избира жири од 175 делегати на фестивалот.
Ова е втора година по ред како судиите на Светскиот фестивал за архитектура во Сингапур избираат образовен објект за победник, наградата „Зграда на годината“ минатата година ја доби интернат во кинескиот град Нингбо.
Државното училиште Дарлингтон е исто така втора зграда во Сиднеј што победи за три години, откако Quay Quarter Tower, која е наречена првиот „рециклиран“ облакодер во светот поради зачувување на две третини од старата висококатница на локацијата, ја освои наградата во 2022 година.