Основното училиште „Жњан –Паздиград“ во Сплит е прво училиште во градот изградено после 26 години и донесе нова димензија на истражување и проширување на архитектонските можности кои ги нуди типологијата на училишната зграда како јавна зграда и институција.
Проектот на архитектите Мирела Бошњак, Мирко Бувиниќ и Маја Фурлан Зимерман од бирото „x3m“ и нивните соработници е добитник и на престижната национална награда за архитектура во Хрватска на УХА, „Виктор Ковачиќ“ во 2017 година за најуспешно достигнување во сите области на архитектонското творештво.
Ова училиште на жителите на населбата им враќа повеќе простор отколку што е површината на парцелата на која е изградено, бидејќи е проектирано како отворен јавен простор достапен за секого.
Четвртта во Сплит, Паздиград, каде е изградено училиштето е област каде што, заедно со новоизградените станбени згради и продажни центри, сè уште има занемарени земјоделски земјишта, градини, овоштарници и пластеници, како и семејни куќи. Јавниот простор на станбената област е сведен исклучиво на уличната мрежа, што се карактеризира со изразит недостаток на хиерархија и неповрзаност.
Просторот предвиден за изградба на училиштето уште во конкурсната фаза (проектот е награден со 1-ва награда на јавен конкурс од 2009 година), освен како место за образование, замислен е и како отворен јавен простор достапен за сите жители на населбата, кој треба да стане место за дружење, игра и рекреација со цел зајакнување на заедништвото.
Топографијата на теренот (значителен пад на теренот) искористена е за да се умножи расположивиот простор на парцелата со изведување на низа плочи („палуби“) кои се нижат една над друга. Помеѓу и на „палубите“, формирани се просторите на училиштето, сали, спортски терени и игралишта, како и отворени (јавни) простори, достапни за сите жители на населбата. Количината на јавен простор ја сокрила големината на училиштето, посочуваат архитектите.
Површината на парцелата изнесува 11.600 квадратни метри, додека збирот на површините достапни за јавно користење е 12.100 квадратни метри, што значи дека и се „враќа“ на населбата повеќе простор отколку што е самата површината на парцелата на која е изградено училиштето.
Можноста за вертикално распоредување на различни содржини ја олеснило функционалната организација на училиштето. На најниското ниво (сутерен), кое е од три старни вкопано во теренот, има засолниште, технички и економски простори, како и склоп спортски сали со соблекувални. Влезовите за техничкиот персонал и надворешните корисници на салата се одделени од главниот влез во училиштето, кое се наоѓа на горното ниво.
Наткриениот училишен плоштад ги поврзува влезот во училиштето и влезот во салата за гледачи, а преку него е формирана и пешачка врска (премин), кој ги поврзува јужната и северната страна на парцелата на која се наоѓаат спортските терени на отворено и училишната градина.
На приземјето, покрај влезниот хол, има повеќенаменски простор, библиотека, трпезарија, гардероба, сала за состаноци и простории за администрација. Поставеноста на атриумот до повеќенаменскиот простор и библиотеката обезбедува добро осветлување на просторот и овозможува дополнителна флексибилност во начинот на користење на заедничките простории на училиштето. На првиот и на вториот кат на училиштето се училници за оделенска и училници за кабинетска настава со свои кабинети и помошни простори. Училиштето е наменето за настава во две смени со капацитет од 780 ученици.
Изградени се спортски терени и на покривот на салата. Овој вреден простор, со најатрактивен поглед, даден е на користење на сите жители на населбата.
Покривот на училиштето е зазеленет со засадување на растенија, складиштето за дождовницата се користи за наводнување на надворешните површини, системот за греење и подготовка на топла вода е дополнет со поставување на соларни колектори, а предвидена е и можност за изведување на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија.
Според енергетскиот сертификат, училишната зграда е класифицирана во А класа.
Фасадата на училиштето е изработена од бетон на кој е аплицирано дизајнерско решение на Никола Ѓурек.
Покрај наградата на УХА, училиштето е добитник и на „Владимир Назор“ – годишна награда на Министерството за култура на Хрватска за најдобри уметнички достигнувања (категорија архитектура и урбанизам) за 2017 година (доделена во 2018 година).
Исто така училиштето е номинирано за EU Mies van der Rohe Award 2019, Piranesi Award – 2019, Медал за архитектура на Хрватската архитектонска комора – 2018 година и Награда на загребскиот саем на архитектура 2019.