Недалеку од словенечко-италијанската граница, во местото Шкофије крај Копер, оваа година заврши изградбата на новата зграда на локалното основно училиште, именувана по народниот херој на Југославија, Оскар Ковачич.
Овој современ, прилагоден на корисниците и енергетски економичен објект зафаќа површина од 6.000 квадратни метри, а на неколку ката сместени се 18 училници кои можат да примат повеќе од 500 ученици.
Од технолошки аспект, проектот на новата училишна зграда бил вистински предизвик за архитектите од љубљанското биро Studio.a+v.
Зградата е поделена на девет ламели, кои се терасасто распоредени на теренот и го следат концептот на атриумски објект, кој овозможува излез од повеќето училници и канцеларии кон надворешниот простор.
Централниот амфитеатар со трпезарија, сместен е во средишниот дел на зградата, а на влезот е проектирана библиотеката која ќе ја користат и другите жители.
Покрај објектот уредени се и нови игралишта, а крововите на зградата се зазелененети. Во сите греани простории има подно греење и централна вентилација со рекуперација.
„Дизајнот на училиштето им зборува на учениците за неговата дуалност: за училиштето како образовна институција во која поединецот следи заеднички обрасци на однесување и воспитување, што се огледува во обликувањето на формалното уредување на училниците, и за училиштето како општествен простор кој со својата волја, креативност, способности и имагинација го поддржува поединецот како субјект, што во дизајнот се огледува преку разновиден систем на заеднички простори во однос на висината и основата, со директно поврзување со околината“ – објаснуваат архитектите.
Специфичностите на локацијата на новата зграда на ОУ „Оскар Ковачич“ налагаат да се земе предвид важноста на надворешните површини на училиштето – во проектирањето на објектот надворешниот простор се третира како рамноправен на внатрешниот простор.
Со вака просторно поставување на училиштето и неговиот влез, постоечкото надворешно уредување на споменикот се надградува на пешачка патека низ спомен паркот.
Вака создадената комуникациска патека протекува низ училиштето и се завршува со излез на постоечкиот спортски терен.
Биста на Окар Ковачич, дело на вајарот Јоже Похлен, се наоѓа долж осовината низ спомен – паркот, на бетонски постамент пред влезот во училиштето.
„Денешните заеднички простори во училиштата се резултат на напредокот во образованието. Прифаќајќи ја идејата дека учењето вклучува повеќе од факти и бројки, наставниците бараат начини да ги внесат практиките од 21. век во секој аспект од нивните училишта – вклучително и неискористени или недоволно искористени физички простори“, велат од љубљанското биро, додавајќи: „Идејата е целите училишта да се направат простор за учење – да се поттикне соработка, критичко размислување и решавање проблеми каде и да се соберат учениците. Како што образовните концепти како што се флексибилното учење и учењето базирано на проекти се формираат во училиштата, просветните работници ја воочуваат користа од различните простори во кои може да се одвива учењето“.