„Во старо време, учениците се подучувале на отворен простор под дрвја. Инспирирани сме од овој концепт бидејќи им помага на децата да се поврзат со природата. Тоа е прекрасен начин да научите разни животни вештини и претставува можност за децата да трчаат, да скокаат, да се лизгаат, да направат неред и да истражуваат на неформален начин“, велат архитектите од индиското биро SferaBlu Architects за ArchDaily.
Основното училиште се наоѓа во урбаното ткиво на Bhilwara, Раџастан, Индија. Објектот зафаќа површина од 2612 квадратни метри и е фокусиран на воспоставување ентитет за студенти, каде изградениот простор и околината заедно стануваат успешна алатка за учење.
Формата на зградата е инспирирана од триаголно парче сирење со ситни дупки на страните, кое може да се види во цртаните филмови; исто така, надворешната површина на зградата има повеќе продори. На фасадата се поставени многу, мали прозорски отвори за одржување на визуелната поврзаност со природата и околината.
Големината на прозорците е мала за да се осигура безбедност, а позиционирањето се должи на висината на учениците. Учениците добиваат поглед кон надвор додека седат на нивните работни маси. Секој кат е различно поставен што создава мали жардиниери и генерира органска форма на структурата.
Оддалеку, зградата изгледа како закосена градина. Во близина на главниот влез е отворен амфитеатар кој се користи за активности како што се утрински молитви, претстави и разни други настани. Големината на локацијата и просторот потребни за објектот оставиле ограничен периферен простор за основните активности на отворено.
Ова ги натерало архитектите да го пренаменат покривот на целата зграда во коса градина која го поврзува секој кат. Рамната површина на покривот се користи како велосипедска патека.
Првата косина има два огромни тобогани направени по нарачка; втората косина, која е најдолгата во зградата, има патеки со препреки; а третата, која има доволно сончева светлина, има жардиниери, една кујнска градина за секое одделение да одгледува свој зеленчук и цвеќе. Ова создава посебна врска помеѓу децата и природата. Највисокиот дел од покривот има спортски простор како џунгла, каде што децата се качуваат и лулаат со поглед на целиот град.
Објектот е на три ката. Изградената форма е перфорирана и има два двора кои овозможуваат филтрирана дневна светлина да влезе во ходниците. Дворовите помагаат да се намали топлината и да се обезбеди ефикасна циркулација на воздух во целата зграда, што е од суштинско значење за суровите климатски услови во регионот. Со воздухот и дифузната светлина што влегуваат од врвот, внатрешниот дел од зградата останува ладен и добро осветлен.
Обликот и волуменот на училниците се органски, за разлика од вообичаените правоаголни училници. Просторите со двојна висина се претвораат во повеќенаменски меѓукатни простори за играње и релаксирање на децата. Изградено за деца од три до седумгодишна возраст, идејата за ова училиште била да се создаде таков простор, што помислата дека треба да одат на училиште им донесе на децата насмевка на лицата!