Подрачното основното училиште „Гоце Делчев“ од Долно Лисиче почна да ги затоплува просторите преку котел на пелети. Досегашното греење на нафта сега е заменето со био гориво. Котелот за пелети е помош од Општина Аеродром. Градоначалникот Златко Марин вели дека ова е прво училиште во Општината што се затоплува со пелети, а вакви котли најави дека следната година ќе добијат и централното „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче, како и „Александар Македонски“. На месечно ниво училиштето во Долно Лисиче трошоците ќе ги намали од 61 илјада денари што ги трошеле за нафта на сегашните 35 илјади денари за пелети.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули вели дека со ваквите промени што се прават во училиштата се придонесува кон намалување на загадувањето и спроведување на „План за чист воздух“. “Со воведувањето на био горивото штедиме финансиски средства и ја чуваме животната средина. Фрапантна е бројката колку нафта се троши за затоплување на една градинка или училиште.Ова е едно планско решение за намалување на загадувањето“, вели Макрадули кој нагласи дека како Влада не бегаат од бројките што ги покажуваат мерните станици најавувајќи дека во 2019 година сите инструментите на мерните станици што не работата ќе бидат заменети.
Бенефитот од употребата на био горивото во „Гоце Делчев“ најмногу ќе го почувствуваат учениците, кои освен што ќе учат во потопли простории сега ќе дишат и почист воздух.