Насловна / Архитектура / Училиште во Австрија – концепт за нов модел на образование

Училиште во Австрија – концепт за нов модел на образование

Познатиот скандинавски модел на основно образование полека навлегува и во австриското образование. Имено, педагошкиот пристап кон вакви модели на училишта, подразбира работа во мали групи, флексибилни простории и често работа надвор од училиштето во училишниот двор. Полека се исфрлува стандардната структура на училница и се заменува со отворени простории за различни форми на слушање на настава и учење. Во последните години архитектите во Австрија претставуваа различни модели на училишта задоволувајќи ги овие критериуми. Еден од моделите е радикалниот пример на основното училиште Унтердорф (Unterdorf) во Хохст (Höchst), Австрија.

Primary School Höchst

Основата на училиштето е во правоаголна форма и се состои од четири идентични кластери кои се поставени на источната страна, и специјални повеќенаменски простории и административен дел позиционирани на западната страна. Просторен ходник поставен во средината на објектот ги поврзува деловите на училниците со спортската сала. Кластерите се состојат од две централни училници, отворена заедничка просторија и „тивка соба“, како и санитарни простории, веце, гардероби и друго. Карактеристично за заедничката просторија е формата на таванот кој е во вид на скратена пирамида од каде влегува дневна светлина.

Primary School Höchst

Секој кластер има посебно мало дворче каде учениците имаат настава на отворено. Големите отвори на фасадата како и помеѓу просториите, овозможуваат потребна транспарентност за да можат наставниците во секое време да ги гледаат учениците кога играат надвор или учат во друга просторија.

Primary School Höchst

Целата конструкција на објектот е изградена исклучиво од дрво. Повеќеслојните слепени конструктивни елементи од дрво не се покриени и се видливи во целиот ентериер. Учениците имаат многу придобивки од употребата на природни материјали во ентериерот. Многу истражувања покажуваат дека употребата на дрвото во ентериерите, покрај своите естетски и визуелни квалитети, делува одлично и на правилниот психолошки развој на учениците и ја поттикнува љубопитноста кон природата. Материјалите кои се употребени во ова училиште се избрани врз основа на фундаментални принципи на одржливост и енергетска и еколошка ефикасност.

Primary School Höchst

Работна група од учители, општински работници и консултанти била инволвирана во овој проект од почетната фаза на избор на проект, преку планирањето на градбата и учество на состаноците во фазата на градење. Овој начин на соработка на експерти од повеќе профили се покажа како успешен модел за имплементација на вакви напредни пилот- проекти, кои поставуваат нови стандарди на училиштата во Австрија и секако стимулираат идни проекти кои ќе бидат изградени од дрво.

Primary School Höchst

Испрати коментар

Scroll To Top