При крајот на училишната година, учениците од 25 основни училишта од 11 општини во Македонија, собраа приближно еден тон отпадни батерии со што демонстрираа високо ниво на еколошка свест уште во рана возраст.
Големата еко акција за собирање отпадни батерии која е во организација на компанијата „Елколект“ ДОО, започна оваа пролет и ќе трае заклучно со месец ноември, кога и официјално ќе биде објавено кое одделение во секое од 25-те основни училишта, собрало најмногу отпадни батерии.
Општините што се опфатени со оваа еко акција се: Битола, Куманово, Охрид, Гази Баба, Струмица, Босилово, Крива Паланка, Ранковце, Василево, Дебрца и Ново Село.
Во соработка со училиштата, компанијата „Елколект“ подготви едукативно – информативен материјал и наменски еко кутии кои беа поставени на видливи места во училишните згради. Во еко кутиите учениците ги собираат отпадните батерии кои се создаваат во нивните домаќинства. На тој начин директно спречуваат истите да завршат на комуналните депонии и со тоа да ја загадат животната средина со опасни супстанции како цинк, литиум, олово, кадмиум и жива, кои се содржат во батериите.
Собраните количини отпадни батерии досега, се одличен показател дека учениците активно го применуваат стекнатото знаење за важноста на примарната селекција на отпадот и важноста на заштитата на животната средина.
Компанијата „Елколект“ како лиценциран колективен постапувач со отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, континуирано презема конкретни чекори за подигнување на јавната свест кај децата за неопходноста од примарна селекција на отпадните батерии и нивно немешање со останатите видови отпад.