Uber планира да лансира автономни летечки такси во два големи града до 2020 година, при што едниот од нив ќе е во САД. Идниот такси оддел ќе користи електрични „пловила“ со вертикално полетување, соопштува Reuters, која го цитира шефот на Uber, Џеф Холден.
Од Uber веќе преговараат со пет компании од воздухопловната индустрија, меѓу кои Bell Helicopter и Embraer, за конструирањето на леталата. Освен тоа, компанијата веќе е влезена во контакт со Hillwood Properties во Далас, за изградба на четири локации за слетување. Во тек се преговори и со Дубаи за организирање на летови во земјата за време на World Expo во 2020 година.
Појавата на информациите за плановите на Uber се совпадна со демонстрацијата на леталото на Kitty Hawk, кое може да превезува еден човек. Моделот The Flyer е создаден со идејата да се користи за забава, бидејќи може да лета до пет метри над земјата, но од компанијата потврдија дека веќе развиваат посериозен апарат, кој ќе може да се користи и за комерцијални цели.