Merriam-Webster ја дефинира убавината како „квалитет на некој или на нешто, што им дава задоволство на сетилата или пријатно го воздигнува умот или духот“. Stendhal, пак, напишал: „Убавината е ветување за среќа“. А среќата е една од нашите основни човечки потреби.
Кога Alex Ferguson во 2002 изјави дека го тренира најдобриот фудбалски тим на светот (Manchester United), Arsène Wenger, тренерот на Арсенал одговори: „Сите мислат дека ја имаат најубавата сопруга дома“. И покрај неговиот мачо став, менаџерот на Арсенал го посочува парадоксот во срцето на секоја колективна идеја за убавина.
Убавината, како и свеста, тешко се дефинира. Но, како и свеста, таа има две карактеристики за кои повеќето, ако не и сите, се согласни: прво, сите луѓе се способни да ја доживеат и второ, искуството од тоа доживување е многу субјективно. Последново е особено интересно, па дури има и една стара поговорка од римско време: De gustibus non est disputandum (за вкусот не се расправа). Таа корисна мала поговорка, од една страна служи да ја задуши секоја дискусија по прашањата на вкусот, а од друга делува како штит на сите оние кои свесно или несвесно ја жртвуваат убавината за други цели. Особено оние кои не се способни да примат критика.
ВОЈНА ПРОТИВ „УБАВИНАТА“
Со почетоците на градежништвото, било јасно дека задачата на архитектот не е само да го направи објектот функционален, туку и убав. Во име на убавината, архитектите додавале ленти од обоени плочи над прозорците или скулптурални цвеќиња над вратата, се обидувале да создадат симетрија на предната фасада или прозорците да ги предвидат пропорционално помали на секој кат.
Дури и функцијата на објектот да била од практична природа, како аквадукт или фабрика, архитектите се стремеле да му дадат максимално пријатен изглед. Римјаните сфатиле дека системот за иригација може да биде убав како храм, рановикторијанците сметале дека дури и фабрика може да има некои од естетските својства на елегантните куќи, а миланците знаеле дека шопинг-галеријата може да носи некои од амбициите на катедралите.
Аквадукт – Скопје
На почетокот ова личело многу освежувачки. Но, во 19-тиот век се изградиле толку многу декорирани градби што импулсот на разубавување достигнал декадентен стадиум. А многу рани модернистички згради, особено оние за богатите, биле посебно елегантни. Во нив се чувствувало нешто ново, прочистувачки – како јадење киви после големи порции чоколадна торта. Се чинеше дека прогласот: „формата треба да ја следи функцијата“, ќе лансира низ светот еден исклучително атрактивен нов вид архитектура.
За жал, сонот брзо станал горчлив. Инвеститорите се израдувале кога разбрале дека уметничката авангарда промовира концепт на функционализам. Со високо издигнати веѓи им биле одобрени најзлобните мотиви. Прекрасно! Немало повеќе потреба да трошат пари за ништо поврзано со убавина. И сето тоа што е можно побрзо, поевтино (и погрдо). За кратко време, она што почнало како интересна идеја, станало оправдување за изградба на огромни предградија и бизнис-квартови, без и најмал привид на шарм. Конечно, тоа го советувале и многу големи умови на архитектурата. Но, тие не беа сосема искрени. Можеби декларираа дека сè што ги интересира е „функција“, но во реалноста, големите, како Le Corbusier или Mies van der Rohe, се мачеа за секој елемент од нивната зграда. Тие, тајно, беа заинтересирани за визуелниот шарм, како и нивните претходници. Сакаа да предизвикаат возбуда, претставувајќи се како чисти, ригорозни, инженерски типови, а тие, цело време, останаа уметници. Кажете ми дека нема убавина (само функција) во хотелот Punta Tragara, на островот Капри во Италија! „Сместена во волшебниот дел од островот, каде џагорот од Piazzetta-та ѝ се предава на тивката убавина на природата, вилата речиси се издига од самата карпа како „архитектонски цвет“. Со овие зборови Le Corbusier опишува една од иконите на модернистичката архитектура – вилата Vismara, која ја создал во 1920 година за ломбардискиот инженер Emilio Errico Vismara на спектакуларниот гребен Пунта Трагара.
Хотел Punta Tragara, Capri – Италија
А инвеститорите? Поради зборовите на мајсторите на модерната, очигледно ништо не можело да се стори за да бидат обвинети за прекршување на нивната работа. Концептот за убавина бил претставен како старомоден, мирисал елитистички, волнено. Никој повеќе не можел да се жали дека убавината му недостасува на светот, а тоа да не звучи меко. Модерната стана грда затоа што заборави да долови дека убавината му е исто толку потребна на еден објект, колку и функционалниот покрив.
За социјалистите во 20 век, абдицирањето на декоративните елементи и традиционалните форми изгледало како природен производ на револуционерниот дух на едноставност, солидарност и пожртвуваност. Но, на сметка на социјалистите, се испоставило дека оваа опседнатост со минимализмот е исто така уникатно компатибилна со мизерниот култ на капитализмот, ефикасноста, односно, секој долар потрошен на накитени столбови или витражи од рози требало да донесе поврат на инвестицијата. И бидејќи може да се гарантира дека во таквите разубавувања речиси и да нема поврат на инвестицијата, тие морале да заминат во историјата.
Историски, религиозната архитектура најмногу се занимавала со убавината заради убавина: колку повеќе време се троши за елегантно украсување на катедралата, толку повеќе таа ја извршува замислената функција за славење на Бога, додека колку повеќе се троши за украсување деловен објект, толку помалку пари остануваат за инвеститорот. Но, настрана Божјата слава, што е со најобичната човечка среќа? Според анкетите, луѓето повеќе ги претпочитаат постарите згради отколку повоените. Многу малку повоени градби влегуваат во листата на убави згради.
Да можат нашите предци од пред 250 години да ги видат нашите денешни градови, сигурно ќе се изненадат од денешната технологија, ќе бидат импресионирани од нашето богатство, вџашени од нашиот медицински напредок и шокирани од ужасите што успеавме да ги изградиме. Светот, кој во многу аспекти е многу понапреден од оној од минатото, успеа, за жал, да создаде урбани средини многу повознемирувачки, похаотични и поневкусни од сè што човештвото некогаш знаело. Невиден ПАРАДОКС!
И ОНАКА НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ШТО Е УБАВО
„Грдоста“ на современиот свет почива и на друга интелектуална грешка: идејата дека никој не знае што е привлечно во архитектурата.
Во предмодерниот свет, нашироко се претпоставувало дека постојат прецизни правила за тоа што ги прави зградите убави. На Запад, тие правила биле кодифицирани во доктрина, позната како „класицизам“. Креиран од Грците, проширен од Римјаните, класицизмот дефинирал како треба да изгледаат елегантните згради повеќе од 1.500 години. Препознатливите класични форми биле присутни низ целиот Запад.
Но, постепено избило еден вид учтиво несогласување и некои луѓе почнале да прават објекти и во други стилови, на пример готски. Други внесувале детали од исламската архитектура или поддржувале кинески или тајландски стилови. Разновидни објекти почнале да се појавуваат, и заедно со нив и дебати за тоа како е најдобро да се гради.
Со текот на времето, дебатите биле решени на интелектуално, исклучително респектабилен начин и тоа предизвикало одредени, исклучително лоши практични последици. Било одлучено дека, во однос на визуелниот вкус, никој навистина не може да победи во расправијата. Сите вкусови заслужуваат слух, нема такво нешто како објективен стандард. Атрактивноста во архитектурата се дефинирала како повеќеслојна и субјективна појава. Уште еднаш музика за ушите на инвеститорите. Одеднаш, никој не смеел да опише зграда како „грда“. Впрочем, вкусот е субјективен. Вам и на вашите пријатели можеби не ви се допаѓа новата населба (дури и на демократското мнозинство би можело да му се гади), но тоа е само лична проценка, а не некој вид важен закон, што треба да се почитува.
Градовите станувале сè погрди, но никој не смеел да каже дека постои нешто „грдо“. На крајот на краиштата, не ли е вкусот за убавина само лична работа?
ЕВОЛУЦИЈА И УБАВИНА
За оние кои ја следат науката, зборот убавина многу често се појавува кај еволутивните биолози. Се чини дека птиците, жабите и другите организми имаат вградено естетско чувство, кое го олеснува размножувањето. Како животните можат да имаат чувство за „естетика“? Орнитологот од Yale, David Prum, верува дека суштествата, како што се машките птици, ги привлекуваат женките со разработен ритуал на парење, во кои тие ги користат нивните блескаво обоени пердуви. Како и многу набљудувачи на птици и Prum е маѓепсан од убавината. Но, за каква цел служи таа убавина? Според Prum, таа, горе-долу, служи за заведување на женката. Наместо порака за физичката кондиција и „добрите гени“ на мажјакот, овaa убавина постои за да ја задоволи женката. Она што на женските птици им е допадливо, тие тоа и го избираат. Prum тврди дека постои еволутивна историја на индиции коишто ни покажуваат дека овие птици сакаат убави нешта. Нивното субјективно чувство е она што го води нивниот избор на партнер.
Обидот да се разберат последиците од сетилните светови на животните, всушност е предизвик за науката повеќе од еден век да се разбере постоењето и влијанието на убавината и убавото во секојдневниот живот. Постои интензивен интерес за она што се нарекува „невроестетика“ во полето на когнитивната наука. Долги години, уметноста, музиката и архитектурата добиваат внимание од невронаучниците при испитувањето на капацитетот на мозокот да го разбере светот преку сетилата, користејќи ја околината како дел од процесот на размислување. Некои веруваат, како што тоа го прави Prum, дека убавината на околината и меѓу луѓето е неопходна за опстанокот и здравјето на хомо сапиенсот, исто како и кај другите членови на животинското царство. Згора на тоа, естетското ценење на убавината е цврсто поврзано во нашиот мозок, а не со окото, како што нè учеа.
Во Неапол постои архитектонско училиште наречено „Градење убавина“, водено од ученици Christopher Alexander, поранешен професор не Беркли. Името намерно се повикува на збор што ретко го користат етаблираните архитекти денес, збор за кој Alexander верува дека го отелотворува природниот поредок на нештата. Alexander ги поврзува наодите од еволутивната биологија со архитектурата, преку дискусија за неопходност од убавина во биосферата: „Еволутивниот развој ни овозможи да преживееме и да напредуваме токму со усвојување специфична склоност кон убави нешта. Ова денес се препознава во развојната дисциплина „биофилија“ или љубов кон живите суштества и нивните структури.“
Едно од фасцинантните откритија коишто ги споделуваат биолозите и истражувачите на мозокот е сознанието дека местата и специфичните карактеристики на околината придонесуваат за развојот на „естетските“ особини на организмот. Можеби затоа се верува дека Италијанците се мајстори за дизајн – затоа што живеат во убави градови, во околина која ги вдахнува да го развијат чувството за убавина.
Alberobello – Италија
Рим – Италија
МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ
Дали убавината во архитектурата може да го храни емотивниот дел на човечкиот мозок? Semir Zeki, професор по невроестетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон тврди дека ДА. И понатаму, сугерира дека убавината треба да биде квалитет на сите згради и дека човештвото има способност да ја препознае оваа убавина. Почитувањето на убавината, без разлика каде ќе ja најдеме, е вградена во нашиот мозок. Естетското уживање, искуството од убавината, обезбедува важна функција за мозокот сама по себе. Semir Zeki вели дека перцепцијата на убавина во околината „не е луксуз, туку суштинска состојка во негување на емоционалниот мозок.“ Овие феномени, според Зеки, се вкоренети во еволуцијата на нашиот мозок: „Математичките принципи на симетрија, хармонија и пропорција… се дел од когнитивниот апарат на сите мозоци“ и овие принципи „треба да се почитуваат“ со цел структурата, како што е на пример зградата или човечкото лице, да биде сфатена како убава.
А ние заборавивме да реагираме дека грижата за визуелното царство не е елитна забава: таа му припаѓа на менталното здравје на сите, зашто местата во кои живееме одредуваат каков вид на луѓе можеме да бидеме. Во деградирана средина, колку и да се безбедни и богати нашите материјални животи, нашиот дух ќе потоне. Ние го преземаме она за што „зборуваат“ зградите околу нас. Ако зборуваат за благодат и шарм, љубезност и светлина, нашето расположение ќе биде раздвижено. Ако нè загрозуваат и заплашуваат, ќе се чувствуваме понижени и омаловажени. Убавината на градот e поврзанa со создавањето среќен град.
Порано, охрабрувачка претпоставка беше дека, парите на крајот ќе обезбедат убавина за сите. И, со понизно извинување, но не можеме да ја обвинуваме сиромаштијата за грдиот свет што го изградивме. А имавме мрачна лекција дека она што создава добра архитектура се разумните идеи и дека ние изградивме грд свет од глупост, а не од недостаток на ресурси. Тоа е глупост за која плаќаме многу скапо.
Глупата книга може да се стави на полица и да не вознемирува никого. Но, глупата зграда ќе ја обезличи земјата и ќе ги вознемирува сите што ќе мора да ја гледаат следните 300 години. Архитектурата е, само врз основа на ова, најважната уметност (за да се наметне проблемот понатаму), онаа за која никогаш ништо не сме учеле во училиште. Во недостиг на образование, ние не бараме одговорност од нашите влади. Не знаеме како политички да ја артикулираме нашата одвратност кон грдотијата. Научени сме како да кажеме дека сакаме побогат свет, поправеден свет, дури и позелен свет. Но, сè уште се сопнуваме да кажеме дека ние, очајно, сакаме и поубав свет, во вистинска смисла на зборот.
Ветувањето на модерната беше дека ќе ги направи најважните работи достапни, евтини за сите: прекрасната храна или облека, празниците или лековите повеќе немаше да бидат привилегија на богатите. Индустриската технологија требаше да отвори квалитет за секого. Но, парадоксално, една клучна состојка по која сите копнееме стана поексклузивна од кога и да е преку нашата неспособност да размислуваме јасно. Едно нешто, кое не можеме да го произведуваме масовно, е убавата архитектура (гледаме дека убави жени може масовно да се произведат). Како резултат на тоа, убавата архитектура е многу преплатена и нагрната од туристи, а неколкуте пријатни улици што останаа се поскапи отколку што биле во екот на аристократската ера. Ја демократизиравме удобноста, а убавината ја направивме ужасно ексклузивна.
Bond Street – Лондон
УБАВИНАТА И СРЕЌАТА
За градбата да биде добра, мора да е убава. Зошто? Затоа што убавината во архитектурата ни носи радост и среќа. Една од најголемите, но често неспомнати причини, и за среќа и за мизерија, е квалитетот на средината: видот на ѕидовите, столовите, зградите и улиците со кои сме опкружени. А сепак грижата за архитектурата и дизајнот најчесто се опишува како несериозна, дури и самопопустлива. Местото каде што се наоѓаме силно влијае на тоа кои можеме да бидеме. Задача на архитектурата е да стои како елоквентен потсетник за нашиот целосен потенцијал.“ Зградите на кои им се восхитуваме се, конечно оние, кои на различен начин ги возвишуваат вредностите за кои мислиме дека навистина вредат – кои, без разлика дали преку материјали, форми или бои, се однесуваат на легендарните позитивни квалитети како пријателство, љубезност, суптилност, сила и интелигенција. Нашето чувство за убавина и нашето разбирање за добар живот се испреплетени“. (De Botton, Alain, The Architecture of Happiness)
Германскиот психолог Rudolf Arnheim побарал од студентите да нацртаат добар и лош брак користејќи само линии. Еден цртеж со мазни облини отсликува мирен тек на љубовната заедница, а друг, со насилни вртливи шпицови прикажува саркастично помирување и треснати врати.
Во ренесансата, архитектите се сметале за арбитри на убавината. Денес, јавноста често ги доведува во прашање концептите за убавина на архитектите и дизајнерите. Во времето на Платон, убавината се сметала за објективна и постоеле правила и наредби што ја уредувале. Дури и Le Corbusier зборувал за класичниот поим за убавина. „Архитектот, со неговите аранжмани на разни форми, создава стил кој е чиста креација на неговиот дух. Преку формите и облиците, тој влијае на нашите сетила до степен на акутност и предизвикува пластични емоции. Креирајќи релации, тој во нас создава длабоко ехо, ни презентира мерка на еден ред за кој ние чувствуваме дека е во согласност со нашиот свет, ги одредува различните движења на нашето срце и нашето разбирање. Тогаш доживуваме чувство на убавина“.
Вообичаените маркери за среќа се колоквијално познати како „големата седумка“: богатство (особено во споредба со оние околу вас), семејни односи, кариера, пријатели, здравје, слобода и лични вредности. Но, според студијата на Abraham Goldberg, професор на Универзитетот во Јужна Каролина и неговиот тим, спроведена со статистичка анализа на среќата во Њујорк, Лондон, Париз, Торонто и Берлин, сепак, она што ги прави луѓето среќни не е ни во големата седумка. Наместо тоа, среќата најлесно се постигнува со живеење во естетски убав град. Работите со кои луѓето постојано се опкружени – прекрасна архитектура, историја, зелени површини, улици со калдрма, имаат најголем ефект врз нивната среќа. Кумулативните позитивни ефекти на секојдневната убавина делуваат суптилно, но силно.
ДАЛИ Е УБАВИНАТА УНИВЕРЗАЛНА?
Различни култури имаат различни поими за убавина. Реално, ваби-саби нуди сосема поинаков поим за убавина од арапските геометриски обрасци. (Wikipedia: Во традиционалната јапонска естетика, ваби-саби 侘寂 … естетиката се опишува како почитување на убавина која е несовршена, непостојана и нецелосна по природа. Тоа е концепт изведен од будистичкото учење. – Слободен превод)
Ryonaji Temple – Јапонија
А многу од уметноста и архитектурата низ целиот свет обезбедува универзална привлечност. На пример, во катедралата Notre Dame лесно може да се заљуби хиндуско семејство, без воопшто да биде запознаено со нејзиното културно или религиозно значење. Taj Mahal и статуата на David зрачат со голема возвишеност кај луѓе од сите сфери на животот. Што е тоа во уметноста и архитектурата што предизвикува такво задоволство и популарност?
Museum of the Future – Дубаи
Alhambra – Шпанија
Нашите вкусови и дефиниции за убавина се менуваат и како одговор на влијанијата од други култури, но и со текот на времето, како одговор на промените во нашето сопствено општество. Според историчарот Wilhelm Worringer, во текот на човечката историја, општествата осцилирале помеѓу претпочитањето на апстрактна и реалистична уметност и тие приоритети се менувале според тоа што им недостигало на самите општества. Апстрактната уметност, проткаена со хармонија, тишина и ритам, им се допаѓа главно на општествата кои копнеат по смиреност. Во општества во кои законот и редот се измешани, се менуваат идеологии, и чувството на физичка опасност е надополнето со морална и духовна конфузија. Наспроти турбулентната заднина, жителите се вртат кон она што Worringer го нарече „огромна потреба за спокојство“ и така, поимот за убаво сочинува апстрактни кубуси со правилни обрасци или минимализам. Во дваесет и првиот век, во ерата на инстант комуникација, политички превирања и климатски катастрофи, оваа потреба за спокојство и опуштеност, се чини уште поважна.
НЕВРОБИОЛОГИЈА НА УБАВИНАТА
Во својата книга „Уметност“ (1914), англискиот ликовен критичар Clive Bell, прашува: Што е заедничко за сѐ она што буди естетската емоција? Ниту тој, ниту неговите наследници не дадоа одговор, но прашањето е доволно инспиративно за истражувања кај невробиолозите. Нивниот одговор е дека искуството од убавината, без оглед на нејзиниот извор (т.е. дали е визуелно, музичко, морално или математички) е во корелација со активност во дел од емотивниот мозок. И, интензитетот на таа активност е пропорционален на декларираниот интензитет на искуството од убавината. Невробиолошкиот одговор на прашањето на Bell покажува дека естетското расудување навистина може да се квантифицира. Новите наоди се однесуваат и на долгогодишните прашања во филозофијата на естетиката, како што се: Дали искуството на убавината е културно детерминирано или нешто ѝ должи и на биологијата? Зошто вообичаено инвестираме во убави луѓе со морални квалитети (што не значи дека тие ги поседуваат)? За што воопшто служи убавината?
Французите имаат израз: chacun à son goût, што значи: секој по својот вкус. Ова може да се однесува на разни работи, од облека и автомобили до избор на интимни пријатели и служи како изводлив начин да се отфрли разликата во мислењата.
Дали субјективното искуство од убавина што води до желба, може да се поврзе со одредена област на мозокот? Во говорот „Невробиологија на убавината“ на TED Talk, Semir Zeki, ги презентира наодите добиени од експерименти кои користат различни визуелни стимули („Grande Odalisque“ на Jean-Auguste-Dominique Ingres и „Benefits Supervisor Sleeping“ на Lucian Freud), во неговата потрага да најде единствена, основна карактеристика на искуството од убавината, онаа која е независна од културата, образованието и етничкото потекло.
Grande Odalisque – Jean-Auguste-Dominique Ingres
Benefits Supervisor Sleeping – Lucian Freud
„Ако ги прашате луѓето за сликите на Ingres и Freud, тие би рекле дека едната е убава, а другата грда. Ако прашате експерт за уметност или уметник, тие би рекле дека и двајцата имаат мајсторски сликарски квалитети. Но, прашањето што го поставуваме не е за уметност. Прашањето е за искуството од убавината.“ …„Во нашите студии, откривме дека секогаш кога субјектите ја доживуваат убавината, без разлика дали тоа е од музички или од визуелен извор, искуството е во корелација со активноста во mOFC (медијален орбитофронтален кортекс). Во таа смисла, квалитетот на убавината не мора да биде поврзан со некој конкретен медиум. Ако искусите лице или вазна како убаво, ќе добиете активност во mOFC“. Фактот дека нашиот мозок е суштински „поврзан за убавината“ е важен, за да ни покаже дека доживувањето убавина во нашите животи не само што не е несериозно, туку навистина е важно и всушност може да ни помогне да се излечиме од која било слабост. Ако сте нерасположени и ви недостига наплив на допамин? Грабнете пријател, излезете, прошетајте, одете во музеј, галерија или концерт! Дајте си убавина!
ЗБОРОТ НА „У“
Зборот „убав“ го користиме секојдневно за да го опишеме она што го сакаме, а тоа важи и за архитектите. Можеби вие не мислите така, но секој архитект се стреми да направи нешто убаво, да создаде некаков вид визуелно задоволство во својата работа. Ако не уживате во некој објект, тоа не е затоа што архитектот е злобен и не сака да направи нешто добро, туку затоа што тој поинаку гледа на убавината од вас.
Архитектурата е единствената вистинска јавна форма на уметност. Сите други видови на уметност постојат во наменет простор. Сликите ги красат ѕидовите во галериите, во кои можеме да избереме да влеземе или не, исто како што можеме да избереме да носиме реплики дома со нас; музиката не е константна, таа мора да се свири за да биде ценета и, од почит кон другите, го ограничуваме уживањето во нашата музика на нашите простори, било да е тоа во заедница на концерт или сами во нашите спални соби; телевизијата и филмот се многу слични, а театарските претстави уште повеќе.
Peter Eisenman (американски архитект) сугерира дека ако се потпреме на јавниот вкус за музика, сите ќе го слушаме Mantovani наместо Beethoven и го користи ова како доказ дека архитектите треба да наметнуваат вкус наместо да се потпираат на демократските желби. Зошто верувањето дека уметноста треба да биде „демократска“ го носи феноменот на Thomas Kinkade (американски сликар, кој својата слава ја стекна со мас-продукција на печатени репродукции). Ако го споредиме јавниот вкус со обемот на продажба, Kinkade би бил најголемиот уметник во светот, Taylor Swift би била најдобриот музичар, а серијата Transformers најдоброто од кино-продукцијата. (Тука ќе застанам и нема да земам примери од нашето поднебје, заради почит кон убавината.)
А има и друга вистина: дека интелектуалците премногу брзо ја отпишуваат јавноста како глупава и неспособна да одлучува за работите сама. Има многу случаи, кога ќе се појави нешто навистина големо јавноста има совршена способност да го препознае. Драмите на Shakespeare, на пример, постојано се неверојатно популарни и покрај тоа што се сложени и интелектуални дела. Доволно се достапни за да бидат сакани и ценети нашироко, но и доволно длабоки за да понудат храна за вековни размислувања и анализи. На ист начин, на масите им се допаѓаат, на пример, готските катедрали и персиските џамии, кои се неверојатно сложени уметнички дела.
Но, луѓето кои го мразат Beethoven не се обврзани да го слушаат од 9 до 5 часот секој работен ден, луѓето кои ги мразат Transformers-ите не мора да ги гледаат секоја вечер. Aрхитектурата, пак, е различна од другите форми на уметност. Кога станува збор за архитектура, речиси е невозможно луѓето едноставно да ги избегнуваат работите што ги мразат и да ги бараат работите што им се допаѓаат. Физичката средина во која живееме и работиме е сеприсутна и неизбежна. Архитектурата постои насекаде околу нас цело време. Кога одиме по улица, опкружени сме со архитектура. Всушност, самото постоење на улица е креација на архитектурата. Последователно, кога ги гледаме зградите, сакаме тие да нѐ натераат да се чувствуваме добредојдени. Зградите едноставно се тука, и ако на пример домот сме го одбрале според наш вкус, тогаш мораме, одејќи накај работа, да поминеме покрај зградите што не ни се допаѓаат, па често го менуваме и патот, опишувајќи го како „неубав“ или престојуваме 8 часа на работа, во објект кој е едноставно „грд“. Архитектурата се доживува, сакале ние или не. Околинaтa со коja сме опкружени има моќ да ги обликува нашите мисли и емоции. Луѓето, кои се опколени од сите страни со грдост, често се несреќни без да знаат зошто. Ако живеете или работите во место кое е отсечено од светлина, природа, боја и можност за редовна комуникација со други луѓе, лесно ќе станете очајни, осамени и депресивни.
Среќата најлесно се постигнува со живеење во естетски убав град. Работите со кои луѓето постојано се опкружени: прекрасната архитектура, историјата, зелените површини, улиците со калдрма, имаат најголем ефект врз среќата на луѓето.
Искусувањето убавина е фундаментално за она што сите нас нè прави луѓе. Можеме да најдеме убавина во различни работи во различно време. Сепак, радоста која се наоѓа во околината, во архитектонскиот простор и форма, е универзална. Ако искусувањето убавина го зголемува здравјето на луѓето и последователно и благосостојбата на општеството, тогаш УБАВИНАТА НЕ Е ЛУКСУЗ, туку суштинска состојка во негувањето на емоционалниот мозок.
Убавината во архитектурата е повеќеслојна. Да се ограничи убавината на визуелна привлечност е потрага без визија и просторот ќе испорача неуспех. Нашата улога како архитекти е да ја откриеме убавината на просторот. Да го истражиме. Да го врамиме, обвиеме. Да го подобриме. Да го поправиме ако е срушен. И да го зачуваме ако е загрозен. Архитектот мора да дејствува како композитор кој, преку сетилата, го оркестрира просторот со синхронизација на функција и убавина. А од примарна важност е како човечкото тело го ангажира просторот. Човечкото тело се движи, гледа, мириса, допира, слуша, па дури и го вкусува во просторот, бидејќи така архитектурата оживува. Доказ за ова е нашиот постојан порив за патувања во „убави места“, „убави градови“.
Den Blå Planet, Danish National Aquarium
Nyhavn canal слика 18 Opera House – Копенхаген, Данска
Копенхаген постојано е именуван како еден од најодржливите, најпогодни за живеење и најсреќните градови на планетата. Синоним за прекрасна архитектура и модел на урбан дизајн ориентиран кон луѓето. Професионалците кои го обликуваат Копенхаген се барани низ светот. Од елегантната архитектура на пристаништето, до приоритет на велосипедите пред автомобилите, Копенхаген нуди прагматични, но сепак шик решенија за урбаните предизвици од 21 век. Скандинавскиот дизајн се фокусира на едноставни линии и светли простори, без неред. Тој се карактеризира со минимален, чист пристап кој ја комбинира функционалноста со убавината.
Copenhagen Opera House
Во објавата за ТОП 10 НАЈУБАВИ ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ за 2022 се вели: „Ви треба инспирација за патување? Не можете да одлучите каде да одите? Што велите за еден од најубавите градови во светот? Ако барате дестинација со урбани задоволства, но и со природна и вештачка убавина, размислете за еден од градовите подолу. Тие нудат комбинација на прекрасна архитектура и глетки што го одземаат здивот, уметност и природа во совршена хармонија. Ако сакате да направите листа на топ места што треба да ги видите пред да умрете, започнете со овие прекрасни градови: Венеција, Париз, Прага, Лисабон, Рио де Жанеиро, Амстердам, Фиренца, Рим, Будимпешта, Бриж.“
Убавината не е политичка или идеолошка. Таа е поврзана со нашиот развој како вид и секогаш ќе биде витална грижа за оние кои сакаат нашето општество да биде праведно, еднакво и вистинољубиво, што, ДА, е убаво да се доживее. John Keats и Friedrich Schiller (англиски романтичари) не згрешиле пишувајќи за неопходната врска меѓу работите за кои веруваме дека се основни за нашето човештво, а една од нив започнува со „У“.
Автор: Невена ГЕОРГИЕВСКА, дипл. инж. арх.