-->
-->
Насловна / Архитектура / Тврдината Шпањола во Херцег Нови станува центар на креативните индустрии

Тврдината Шпањола во Херцег Нови станува центар на креативните индустрии

Според проектот на бирото „Енформа“ од Котор во соработка со конзерваторка, во Херцег Нови неодамна започна реконструкција на тврдината Шпањола, која по реставрацијата ќе биде ставена во функција на креативните индустрии.

Тврдината во Херцег Нови се наоѓа на ридот Бајер, изградена е за време на турското владеење во 15 и 16 век. Името го добила по Шпанците кои учествувале во нејзината изградба, за време на нивното едногодишно владеење. Во документите тврдината се вика Горњи град, а народот ја нарекол Шпањола.

Целта на проектот е истражување, евидентирање и валоризација на тврдината притоа овозможувајќи нејзино функционирање во текот на целата година преку работни уметнички кампови, културни нманифестации и изложбени простори. На овој начин, идниот креативен центар треба да ја привлече најшироката јавност – од туристи, локални жители до уметници.

Развојот на Горњи град

Историјата на Горниот град, или тврдината Шпањол, датира од 1382 година. Оттогаш, утврдувањето и неговата непосредна околина продолжиле да се развиваат до 1890 година, кога комплексот ја добил својата конечна форма. Цикличните периоди на развој и постојаните промени се случувале приближно на секои сто години.

Според которските архитекти, судбината на оваа тврдина секогаш се движела помеѓу константност и промена, помеѓу периодите на континуитет и стагнација. Тоа значи дека нејзините трансформации се одвивале во согласност со потребите на дадениот временски период во кој се вршеле интервенциите.

„Денес, кога Шпањола, како културно богатство, го чека својот континуитет и нов живот, процесот на нејзина ревитализација се доживува како продолжение на нејзината хронолошка историја, преку спроведување на интервенции и програми на современото општество на 21 век“ – велат од студиото „Енформа“.

Предложеното решение може да се окарактеризира како модерна архитектонска интервенција од реверзибилен карактер, без употреба на бетон. Концептот се заснова на преклопување и константна интеракција помеѓу иднината и минатото, на нивното конечно место на средба, каде двата слоја на времето се јасно дефинирани и воочливи, со цел јасно да се пренесе пораката на нивните соодветни периоди.

„Ваков пристап е возможен само преку внимателна употреба на современи материјали (по природа реверзибилни), традиционални градежни техники и технолошки решенија прилагодени на дадената намена на Креативниот центар ‘17+1’“, објаснуваат авторите на проектот.

Основниот материјал во овој концепт е проѕирен поликарбонат. Се користи за ревитализација на овој комплекс при реконструкција на надворешноста, покривите и ѕидовите на куќите во внатрешноста на утврдувањето. Овој материјал ги дефинира контурите на деловите што недостасуваат од структурите на оваа мини урбана агломерација.

„Со користење на поликарбонат за додавање на деловите што недостасуваат на структурите, помагајќи им да ги повратат претходните форми, сведоци сме на важен момент кој симболизира нов живот. Во текот на денот, белите структури ги поврзуваат зградите внатре во тврдината во една единствена, неуништива целина“, наведуваат од „Енформа“ и додадаваат: „Материјалот кој е делумно транспарентен, со одлични термички и огноотпорни својства, им овозможува на уметниците дифузна светлина во текот на денот и постојана интеракција помеѓу ентериерот и екстериерот. Корисниците имаат пристап до бесконечноста во ограничен простор, доделена им е Слобода!“.

Во текот на ноќта, со интегрираниот LED систем или со помош на стандардни светлосни тела, поликарбонатот блеска во различни бои, што овозможува спектакуларна уметничка слика на самиот комплекс, а кога се одржуваат различни културни манифестации, сјајот на структурите би придонел за создавање на надреална сцена во внатрешноста на тврдината.

Материјалот што се користи на подовите, каде што нема траги од автентични материјали, е микротопинг, што им го олеснува одржувањето за корисниците, а обезбедува издржливост и естетска вредност погодна за дадениот карактер и задача.

Современа интерпретација на традиционалното гумно

Уметничкиот пристап кон дизајнот на комуникацијата и слободните простори во рамките на комплексот, навестувајќи ја современата интерпретација на традиционалното гумно, создава изолирани области за уметничка работа на отворено.

Овој пристап создава совршено место за работа на секој уметник, обезбедувајќи му сопствена дефинирана област во зградата од 14 век. Интервенциите во преостанатите делови и елементи на тврдината Шпањола се реализирани со употреба на традиционални материјали и градежни техники.

Завршување на првата фаза до март 2026 година

Во рамките на Фаза I, која се однесува на квадратното утврдување со кули и внатрешен град, срцето на овој дизајн, можно е да се одвои јужниот, подоцна изграден дел од тврдината, во уште една фаза или потфаза. Концептот предлага проект кој ги собира сите барани уметнички категории во уникатен Креативен центар.

Во првата фаза од работите, која се планира да заврши до март 2026 година, ќе се санираат бедемите на надворешниот одбранбен периметар, сите четири рондели, голем резиденцијален објект во внатрешноста на одбранбените ѕидини, како и голем технички блок со санитарен јазол за посетителите на тврдината, надвор од ѕидините на утврдувањето.

Структурата покрај тврдината која е изградена последна, австроунгарски бункер, дефинирана е како независен креативен центар кој ќе служи за целта на комплексот, т.е. Фаза II од овој Креативен центар. Амбиентот на тврдината Шпањола е инспиративен и извонреден простор за креативните индустрии во рамките на механизмот на Creative Hub „17+1“ и уметниците да работат и создаваат во рамките на комплексот.

„Ревитализирана со обмислени и едноставни современи интервенции, оваа мини урбана агломерација не изгуби ниту еден дел од својот идентитет како објект на културно наследство, напротив, во неа е вдишан животот на 21 век. Како што е веќе кажано судбината на оваа фортификација лежи помеѓу континуитетот и промените“, истакнуваат од бирото „Енформа“.

Испрати коментар

Scroll To Top