Социјалната мрежа Твитер објави дека има намера да ја интензивира борбата против ширењето дезинформации за вакцините и воведе можност за забрана на кориснички налози после пет предупредувања.
„Сметаме дека овој систем за предупредување ќе помогне во едукацијата на јавноста за нашите прописи и подобро ќе придонесе за намалување на ширењето на потенцијално опасни или лажни информации преку Твитер, особено за повторени, умерени или сериозни прекршоци“, соопшти мрежата.
Во декември, Твитер веќе одлучи да повлече некои лажни информации од корисничките налози, особено оние што сугерираат дека вакцините се користат за да му наштетат на населението или да го контролираат.
Мерките исто така се насочени на лагите за наводните несакани ефекти или дури и доведување во прашање постоењето на ковид-19 и потребата за вакцинација.
Оттогаш, повеќе од 8.400 твитови се повлечени од оваа социјална мрежа и се предупредени околу 11,5 милиони налози ширум светот.
Од второто предупредување до корисниците, налогот ќе биде блокирана 12 часа, по четвртото предупредување блокадата ќе трае седум дена и по петтото предупредување налогот ќе биде трајно затворен.
Од октомври, кога вакцините беа само во фаза на клинички испитувања, мрежите Јутјуб и Фејсбук објавија строго правило чија цел беше да се забранат дезинформации за вакцините и напорите да се наштети на кампањите за вакцинација.
Твитер исто така ќе закачи предупредување на пораките што може да содржат лажни информации за вакцините против ковид-19, наведено е во соопштението.