Претставници на турската компанија „Игдаш“, која е дистрибутер на природен гас во Истанбул, веќе биле во Македонија и се интересирале за јавниот повик на Владата за избор на компанија која ќе го гасифицира главниот град.
Договорот за јавно-приватно партнерство, кој ќе биде склучен со компанија која ќе даде најдобра понуда, вклучува нејзина обврска за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем за пренос на природен гас во скопскиот регион, во кој влегуваат сите градски и приградски општини.
Како што пишува Дневник „турската компанија која има долгогодишно искуство и која со природен гас го снабдува милионскиот Истанбул, веќе им е позната на надлежните во земјава, бидејќи во 2010 година во нејзина организација во Скопје бил организиран симпозиум посветен на дистрибуција на природен гас. На симпозиумот учествувале високи претставници од секторот за природен гас и енергија од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Kосово, Србија, Црна Гора, Романија, Бугарија , Хрватска, Молдавија и од Словенија. Тогаш, меѓу другото, се зборувало за стратегиите во енергетскиот сектор, особено во оној за природен гас и за можностите за инвестирање на Балканот и особено во Македонија“.
Kомпанијата, како што е наведено на нејзината страница, направила и прелиминарна физибилити-студија за изградба на инфраструктура за природен гас во Скопје, а за таа цел биле водени разговори со групацијата за обезбедување техничка поддршка „Арсис“.
Турската компанија не е единствена која е заинтересирана за гасификација на Скопје, бидејќи разговори се водат и со компании од Швајцарија, Словенија и од Италија од која деновиве претставници на четириесетина фирми беа на конференција во организација на италијанската амбасада на која се разговараше за можностите за инвестирање во Македонија во инфраструктурата, особено во енергетскиот сектор.
Домашните компании, пак, сериозно размислуваат да направат конзорциум, кој на странската компанија која ќе биде избрана ќе и понуди партнерство во техничкиот дел, но и во финансискиот со што ризикот за странската компанија би бил помал.
Јавниот повик на Владата трае до 27 мај, а се очекува најдоцна до септември да биде избрана компанијата која ќе ја гради гасификациската мрежа во Скопје и која потоа ќе биде дистрибутер на природен гас.
Идниот концесионер во првите пет години ќе треба да изгради 175 километри мрежа и тоа по 51 отсто во градските општини и 20 отсто во приградските. Се проценува дека во 2016 година првите корисници ќе добијат природен гас.