„Аксо енерџи” од Турција и „ЦПЛ Kонкордија” од Италија се единствените компании, кои ги исполнуваат бараните критериуми на тендерот за гасификација на Скопје.
Проектот за гасификација на Скопје предвидува договор за јавно-приватно партнерство со државата за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем за пренос на природен гас во скопскиот регион.
„Аксо енерџи“ е најголем приватен дистрибутер на природен гас во Турција со повеќе од половина милион корисници. Оваа компанија е и дистрибутер и производител на електрична енергија.
„ЦПЛ Kонкордија“ е мултинационална групација која има 1.600 вработени и околу 80 компании и претставништва. Оваа компанија годишно дистрибуира 45 милиони кубни метри природен и течен гас во 135 града и општини, односно има 185.000 корисници.
Изборот се очекува да заврши во септември.
Компанијата што ќе победи на тендерот ќе треба да ги изгради 250 километри примарната и секундарната дистрибутивна мрежа на природен гас, да инвестира во поставување приклучоци до сите крајни потрошувачи, односно јавни институции, вклучувајќи ја и опремата за мерење и регулација, да врши дистрибуција на природен гас, да управува со системот за дистрибуција, да се грижи за одржување и развој на системот и да инвестира во адаптација, односно набавка на опрема за производство на топлинска енергија кај постојните објекти. Оваа инвестиција ќе чини околу 100 милиони евра. Времетраењето на договорот за јавно-приватно партнерство ќе биде 20 години, по што мрежата преминува во сопственост на државата.
Компанијата што ќе победи на тендерот ќе биде задолжена да овозможи секој заинтересиран корисник да плати приклучна такса од 1,25 евра по метар квадратен станбен простор или 100 евра за станбена единица од 80 м2. За куќа од 240 м2 приклучната такса би изнесувала околу 300 евра. Приклучната такса за комерцијалните објекти ќе биде исто 1,25 еврo за квадратен метар корисна површина.