Културното и историско наследство останува во редот на врвните приоритети на градот скопје – аквадуктот повторно ќе се врати на туристичката мапа обезбедувајќи соодветна инфраструктура, посебна сигнализација и урбана опрема изјави градоначалникот Петре Шилегов при посетата на аквадуктот заедно со премиерот Зоран Заев, министерот за култура Роберт Алаѓозовски и градоначалникот на општина Бутел.
Шилегов најави и дека на оваа локација ќе се гради летна сцена со околу илјада седишта, како и пристап до самиот аквадукт кој што ќе биде уреден согласно највисоките стандарди за заштита и промоција на ова културно наследство.
Министерот за култура, Робер Алаѓозовски соопшти дека по повеќегодишно институционално запоставување, во 2018 година се издвони 1.100.000 денари за изработка на Проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. „За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот. Први за конзервација се најзагрозените делови на аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази. Освен тоа, Министерството ќе ги поддржи програмски и културните содржини кои ќе ги реализираат Градот и општините на чија територија е локалитетот и контактните зони. Последни посериозни инвестиции во геотехничките и геофизички истражувања, сондирањата и анализата на материјалите на Аквадуктот се реализирани пред неколку години, претежно со меѓународни донации, додека нашите институции беа прилично пасивни и речиси го игнорираа овој атрактивен локалитет, кој наместо да го оствари својот културен, туристички, рекреативен, еколошки потенцијал, беше претворен во една голема депонија“.