Насловна / Архитектура / Туристички центар од коцки мраз

Туристички центар од коцки мраз

Новиот културен и туристички центар во кинескиот град Шиншианг има форма на коцка мраз и го менува својот облик.

Овој центар со својата големина е архитектонската икона на новиот туристички кварт, кој ќе биде посветен на зимските спортови. Архитектите се надеваат дека ќе привлечат посетители од целиот регион.

mraz

Необичниот проект комбинира девет архитектонски блокови во форма на коцки мраз кои се преклопуваат и се движат, претставувајќи ја општата тема на областа за рекреација. Овој едноставен изглед станува посуптилен и покомплексен кога се приближува до зградата, благодарение на стаклените фасади кои содржат многу сложени и проѕирни ледени кристали кои ја филтрираат светлината и изгледот внатре.

Според архитектите, се работи за криење и прикажување во исто време – предизвикување мистерија и желба за приближување. Ледените кристали ја фаќаат светлината и ја рефлектираат, па изгледа дека зградата ја испушта светлината што ја прима, оставајќи впечаток на населено парче мраз.

mraz1

Со оваа визуелна игра е добиена скулптурална градба која го менува својот изглед во зависност од аголот на набљудување. Од шопинг улицата кон запад, горната коцка се поместува на страна, конзолно поставена 34 метри над земјата, за да го означи крајот на перспективата. На јужната страна, композицијата е поизбалансирана за да одговара на мирниот амбиент на езерото.

Примарниот пристап на пешаците е од север, каде што коцките се приближуваат и формираат вертикална празнина од 34 метри што ги повикува посетителите да влезат во центарот. Горната коцка е потранспарентна и „виси на небото“, а содржи место за размислување и релаксација.

Употребени се уникатни материјали: печатените стаклени панели ја формираат фасадата, а каблите и врските од не’рѓосувачки челик ги поврзуваат панелите, создавајќи чувство на кршливост и цврстина во исто време.

mraz2

Стаклените панели го претвораат центарот во архитектура на светлоста, ефикасно пренесувајќи ја природната светлина во сите нејзини варијанти, во зависност од времето од денот и временските услови. Благодарение на ова се добива впечаток дека објектот постојано го менува својот изглед, усогласувајќи го со времето.

Од друга страна, благодарение на осветлувањето, центарот навечер добива изглед на светилник, кој навидум се издига над околните згради. Во текот на ноќта, фасадите се целосно осветлени и ја осветлуваат околината, а светлината со изедначен сјај спречува директен поглед на внатрешноста.

Испрати коментар

Scroll To Top