Турција веќе ги изгради 290 од 511 планираните километри ѕид по должината на својата граница со Сирија, известија во неделата локалните медиуми, повикувајќи се на изјавите на водителот на проектот на градбата Ергун Туран.
Три метри високиот ѕид ќе се протега по должината на јужните и југоисточните турски покраини Хатај, Килис, Санлурфа, Мардин, Сирнак и Газиантеп.
Ќе биде монтажен, па неговите делови ќе може да се пренесуваат на други локации, вели Туран, додавајќи дека ѕидот ќе биде зајакнат со бодликава жица и со кули за надзор.
Според написите на медиумите, целта на ѕидот е да ги спречи криумчарите и другите во илегалното преминување на границата, вклучително и џихадистичките борци. Но активистите за човекови права го критикувале подигнувањето на ѕидот, бидејќи служи како препрека за бегалците кои бегаат пред судирите во регионот.
Турско-сириската граница е долга околу 911 километри. Претходно Европската Унија во повеќе наврати ја критикуваше турската влада поради слабата погранична контрола бидејќи на џихадистите им е овозможено преминување од Турција во Сирија каде што ѝ се приклучуваат на екстремната групација Исламска држава.
Во меѓувреме турската армија извести дека целосно ги истиснала борците на Исламската држава од своите граници. Делот од Сирија кој граничи со Турција го контролираат турските сили и нивните сојузнички опозициски групи, а другиот дел е под контрола на арапско-сириската коалиција што не оди во прилог на намерите на Анкара.