Разорниот земјотрес кој ги погоди Турција и Сирија, повторно ја покрена расправата за безбедноста на нуклеарната електрана во изградба Akkuyu, која што се гради на турскиот јужен брег на Средоземното море. Оваа локација е на околу 394 километри од епицентарот на последниот земјотрес, а проектирана е да издржи и посилни земјотреси, односно не претрпела никаква штета на 6-ти февруари. Турските нуклеарни регулатори дале дозвола за изградба на оваа електрана во 1976 година, после 8 годишни сеизмички истражувања со цел определување на најдобрата локација. Но, проектот е запрен после нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година, и повторно активиран дури во 2018 година. „Росатом“, руската државна компанија, чија технологија ќе биде имплементирана во оваа централа, вели дека таа е проектирана „да издржи екстремни влијанија“ односно земјотрес со магнитуда од 9 степени според Меркалиева скала. Таква веројатност се проценува на еднаш во 10.000 години. Според „Росатом“, локацијата во Akkuyu иако е во трусно подрачје, сепак се наоѓа во област која е најсигурна во Турција од овој аспект.
Компанијата истакнува дека нејзините VVER-1200 реактори се во согласост со сите стандарди на Меѓународната агенција за атомска енергија од периодот после Фукушима. Но, неодамнешниот земјотрес – најсмртоносен во историјата на Турција, ја засили загриженоста во врска со објектот кој се гради на работ на голем расед. Официјално лице од турското министерство за енергетика, ја известило јавноста дека засега нема планови за повторна процена на проектот. Но, некои активисти сметаат дека овој проект претставува закана.
„Нуклеарните објекти се изградени од јако армиран бетон, димензионирани се да издржат силни земјотреси и се далеку поробустни од комерцијалните згради“, вели Andrew Whittaker, професор на Универзитетот во Бафало, кој е стручњак за земјотресно инженерство и нуклеарни конструкции. Сепак, тој истакнал дека би било мудро повторно да се анализираат и оценат пресметките за сеизмичката опасност во регионот за целата инфраструктура, а особено за електраната. Нема причини за загриженост, но секогаш треба да се биде внимателен“, заклучил професорот. Сепак, тоа не е утеха за зелените активисти во Турција, но и на Кипар. Тие ги обновиле своите повици за запирање на проектот, истакнувајќи дека последниот земјотрес е јасен доказ за високиот ризик кој го носи оваа електрана.