Градежната компанија „Турбоинженеринг“ дала најповолна понуда на вчерашното електронско наддавање за доизградба на Милениумскиот крст.
За овој проект на Јавното сообраќајно претпријатие, освен „Турбоинженеринг“, во игра беше и скопски „Бетон“. Кога комплетно ќе заврши целата процедура, ќе се објави точната сума за која ќе се доуредува оваа скопска атракција, но сепак, јасно е дека цената е помала од онаа што првично беше понудена на тендерот.
Според тендерските понуди, „Бетон“ за градежните активности бараше 69 милиони денари, додека „Турбоинженеринг“ 74 милиони денари.
Изведувачаот во рок од девет месеци ќе треба да го доизгради Милениумскиот крст. Најголем дел од парите ЈСП ќе ги обезбеди преку владини донации, иако Советот на Градската власт на ова претпријатие веќе му даде зелено светло за трошење на 120 милиони денари за овој проект.
Од „Турбоинженеринг“ се очекува да направи антикорозивна заштита на металната конструкција, која по правило се прави на десетина години. Треба да го изгради ресторанот во кружната соба, а исто така да изгради водовод, одвод, прочистителна станица, ново осветлување и нов лифт кој ќе води до краците.
Како што најави директорот на ЈСП, Мишо Николов, ресторанот би требало да биде ставен во употреба уште летово, а со него ќе стопанисува сопственикот на ресторанот „Воденица“, Стојан Филиповски.
Засега Македонската православна црква не е заинтересирана да гради црква во темелите, односно во најнискиот дел од објектот, иако тоа е предвидено со основниот проект на авторите Жан Стефановски и Оливер Петроски.